Платформата за споделување датотеки WeTransfer, во парнтерство со британскиот инди бенд Jungle, создаде интерактивно музичко видео насловено “Back on 74”, кое што на гледачите им нуди уникатно искуство да симнуваат уметнички дела што се појавуваат во самото видео додека го гледаат.
Во текот на целиот спот, гледачите ќе ја искусат препознатливата визуелна естетика на Jungle, со сложено изработена кореографија и смела фотографија. Но, она што го издвојува ова видео од останатите е неговата интеграција на интерактивни уметнички елементи. Имено, додека гледачите го гледаат видеото, тие можат да одберат уметнички дела што им се допаѓаат и да ги симнат т.е. „извадат од платно“ во реално време, откривајќи празно бело платно на нивното место.
Секоја сесија на гледање е збогатена со шест различни уметнички дела од избор од 10.000 уникатни дела создадени од J Lloyd, инаку член на бендот Jungle. Оваа моментална промена со секое гледање на спотот создава персонализирано и постојано променливо искуство за секој корисник, во зависност од нивната интеракција со видеото.
Гледачите на музичкото видео треба да имаат предвид дека само едно уметничко дело може да се преземе по сесија на гледање, па затоа е најдобро првично да ги истражите уметничките дела како што се појавуваат низ видеото.
Фановите кои ќе стапат во интеракција со видеото и ќе преземат некоја негова содржина, исто така, добиваат шанса да освојат билети за концертот на Jungle за време на нивната претстојна турнеја во САД и Европа оваа есен.
Според WeTransfer, нивната нова кампања “Drops”, која го содржи и ова интерактивно видео, е инспирирана од органската активност на музичарите на платформата за споделување датотеки во текот на изминатата деценија. Имено, платформата била искористена од различни музички уметници, од легендарни фигури како Принц до модерни изведувачи како бендот Sault, за споделување музика и други поврзани содржини со нивната заедница на обожаватели.