Платформата за пораки WhatsApp, во сопственост на Фејсбук, беше казнета со 225 милиони евра од страна на Комисијата за заштита на лични податоци на Ирска, поради нарушување на приватноста.
Казната произлегува од истрагата спроведена од Комисијата дали WhatsApp се има прилагодено на Генералната регулатива за заштита на личните податоци на Европската Унија, попозната како GDPR.
Истагата конкретно била насочена кон „процесирањето на информациите помеѓу WhatsApp и другите компании на Фејсбук“.
Во целата работа во јули се вмешал и Европскиот борд за заштита на личните податоци, откако ирскиот регулатор се соочил со критики поради наводното одложување на своите одлуки во однос на истрагите поврзани со големите технолошки гиганти.
После „јасни инструкции“ од евроопскиот борд, ирската комисија определи казна од 225 милиони евра. Од WhatsApp го изразија своето незадоволство од одлуката и посочија дека ќе поднесат жалба.
Ова е втората најголема казна поврзана со нарушување на правилата од GDPR, после казната која во јули ја изречи Луксембург на компанијата Амазон во вредност од неверојатни 746 милиони евра.