Иако повеќето паметни телефони имаат апликација која служи за пишување потсетници, сите сме се нашле во ситуација да си пратиме некоја важна информација на самите себе преку СМС или електронска пошта.
Согледувајќи ја ваквата потреба, дигиталната платформа за допишување WhatsApp конечно воведува функција која на корисниците ќе им овозможи да си праќаат пораки на самите себе.
Кога корисниците ќе кликнат на копчето за отпочнување нов разговор, на врвот ќе им се појавува нивниот сопствен профил кој ќе можат да го изберат за испраќање порака. Потоа, отпочнатиот разговор со самите себе ќе стои на врвот во прегледот на почнати разговори, сé со цел да не се изгуби меѓу сиот „метеж“ на пораки.
Функцијата се очекува да биде целосно имплементирана меѓу корисниците ширум светот, на оперативните системи Android и iOS, во следните неколку недели.
Со воведувањето на можност за испраќање пораки на самите себе, WhatsApp фаќа чекор со конкурентите Signal, Telegram и Slack кои веќе нудат слични опции за нивните корисници.