Платформата за размена на пораки WhatsApp објави документарен филм во кој ја раскажува приказната на женската фудбалска репрезентација на Авганистан за тоа како младите фудбалерки избегале од земјата по бурните политички промени во 2021 година, откако Талибанците ја презеле власта.
Во режија на наградуваната канадска режисерка Амбер Фарес, документарниот филм ја открива храброста на младите жени и нивната решителност да продолжат да се занимаваат со спортот што го сакаат. Филмот исто така ја подигнува свеста за безбедносните прашања со кои се соочуваат жените и колку е всушност важна приватната комуникација.
Филмот го следи односот што се развил меѓу хуманитарната активистка и поранешен капитен на женската фудбалска репрезентација на Авганистан, Фархунда Мухтај, и сегашните членки на младинскиот тим. И покрај тоа што никогаш не се сретнале лично, Мухтај ги води младите жени до безбедност и тоа употребувајќи само WhatsApp. Притоа, оригиналните пораки се испреплетени низ документарецот за да ја прераскажат целата приказна.
„Овие неверојатни млади жени само сакаат да продолжат да се натпреваруваат во фудбалот и да се стремат да ги остварат своите соништа. За да им помогнам да избегаат успешно, знаев дека влогот е исклучително голем за сигурна комуникација. Ако нешто беше пресретнато, без разлика дали тоа се нивните пасоши или лични карти, не само што мисијата би била загрозена туку и животот на сите би бил загрозен“ – објаснува Фархунда Мухтај.
Глобалната директорка за маркетинг на WhatsApp, Вивијан Одиор, додава: „WhatsApp постои за да ги поврзува луѓето приватно. Кога ја слушнавме оваа приказна, бевме почестени што нашата апликација, направена имајќи ја предвид безбедноста на корисниците, беше тука за да им помогне во нивното патешествие. Почестени сме да ги поддржиме овие храбри жени кои се инспирација за сите што ги следат своите соништа“.