Најголемата светска интернет платформа за видеа YouTube, ќе го намали квалитетот на стримингот пред се` за земјите на Европската Унија и Велика Британија за да избегне блокада на интернетот, поради фактот што стотици илјади луѓе работат од дома.
Овие мерки ќе бидат во сила во наредните 30 дена, кога ќе бидат анализирани нејзините ефекти.
“Спроведовме мерки за автоматско прилагодување на нашиот систем за да користи помал мрежен капацитет. Ќе продолжиме да соработуваме со владите и локалните интернет провајдери за да го минимизираме преоптоварувањата на системот, без притоа да се занемари квалитетот на корисничкото искуство“, изјави портпаролот на Google во изјава за Си-Ен-Ен.
По дискусиите меѓу лидерите на Гугл и ЈуТјуб, Сандар Пичаи и Сузан Војчицки со комесарот на ЕУ за внатрешен пазар Тири Бретон, најпопуларната светска интернет платформа се обврза „привремено да го префрли целиот сообраќај на стандардните параметри“.
Бретон ги повика сите платформи за стриминг кои работат во земјите членки на ЕУ да го намалат квалитетот на видеата за да спречат преоптоварување на мрежата, во време кога толку многу луѓе остануваат дома.
Токму тоа го најави и популарниот стриминг сервис „Нетфликс“, кој ќе го намали квалитетот на своите видео содржини за 25 проценти.
Бретон ја поздрави иницијативата на Гугл, истакнувајќи дека поважно е да се зачува квалитетот на функционирањето на интернетот во време на пандемијата на вирусот COVID19, отколку квалитетот на самото видео.
Покрај тоа, Европската комисија побара од „Нетфликс“ и другите стриминг провајдери да ги укинат видеата со HD квалитет и да дозволат содржината да се прикажува само во SD квалитет.