Деведесет и девет организации ширум светот веќе една година документираат неточни тврдења за коронавирусот.
Алијансата CoronaVirusFacts, која вклучува 99 организации за проверка на фактите од повеќе од 70 земји, за 12 месеци документираше 10.300 неточни тврдења за коронавирусот. Алијансата, како што пишува Poynter, претставува најголема соработка на разни организации за проверка на фактите досега и е предводена од Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) на Институтот Поинтер.
Алијансата CoronaVirusFacts е основана во јануари 2020 година кога ширењето на коронавирусот беше ограничено на Кина, но ширењето на дезинформации за вирусот веќе беше забележано на глобално ниво.
Целта на овој сојуз е, како што се наведува, да обезбеди веродостојни информации за коронавирусот и да се бори против инфодемијата, прогласена од Светската здравствена организација.
За 12 месеци, според Поинтер, страницата CoronaVirusFacts ја посетиле 260 000 посетители, а бележела скоро илјада прегледи на ден.
CoronaVirusFacts беше поддржана од Facebook и WhatsApp и благодарение на таа поддршка, Меѓународната мрежа за проверка на факти додели грантови за 21 проект за проверка на фактите во вредност од повеќе од 800 000 американски долари.
За да биде што е можно полесен пристапот до базата, Меѓународната мрежа за проверка на факти разви четири WhatsApp чет-ботови на англиски, шпански, португалски и хинди јазик.
Според упатствата утврдени пред една година, се наведува дека организациите-членки меѓусебно се информираат за неточни тврдења за вирусот кои се шират во нивните земји, а кои што служат како систем за рано предупредување за fact checker-ите ширум светот.
Поинтер пишува дека сите проверки на фактите во базата на CoronaVirusFacts може да се преведат и објават бесплатно, под услов да се наведе изворната организација и да се задржи оригиналната структура на текстот.
извор: Poynter