Доколку ја следите „културната војна“ во американското општество, тогаш досега сигурно сте ја слушнале новата вирална кантри-фолк песна “Rich Men North of Richmond” („Богатите луѓе северно од Ричмонд“) на младиот Оливер Ентони од Вирџинија.
За оние кои не се запознати со случајот – се работи за млад маж со бујна црвена брада кој пред две недели го објави видеото за неговата нова песна со споменатиот наслов. Во спотот гледаме како Оливер, во сред шума и во придружба на неговите кучиња, свири на гитара и со голема емоција и страст ги пее стиховите на неговата бунтовна песна.
Но, ако самата емоционална изведба и неговиот силен глас не беа доволна за да го привлечат вниманието на јавноста, тогаш токму испеаните стихови го направија тоа. Песната е посвета на политичарите, лобистите и консултантите од главниот американски град Вашингтон, и тоа не во добро светло.
Оливер Ентони пее за ниската плата, високите даноци, државната контрола, однесувањето на политичарите и богатите, додека од другата страна работниците и младите се соочуваат со безнадежност.
Уште од самото објавување, песната почна забрзано да се шири низ медиумските кругови на „популистичката десница“, поради што песната веднаш се соочи со голема политизираност и контроверзија.
Повеќето од големите „мејнстрим“ медиуми со новински и музички карактер, како и аналитичарите на политиката и културата кои пристапуваат кон настаните од перспектива на „умерената левица“, ја нападнаа песната како изблик на „ретроградниот светоглед“ зачинет со конспиративни теории кој се негува меѓу „алтернативната десница“.
Но, како што песната почна да добива на виралност и целата медиумска контроверзија само ја зголеми нејзината популарност, се случи ефектот на „потковица“. Па така, песната наиде на одобрување и меѓу добар дел од луѓето кои себе си се идентификувата како дел од „популистичката левица“. На некој начин, поделбите околу песната повеќе не се на политичкиот спектрум „лево-десно“, туку на економската и социјална скала „горе-долу“.
Така доаѓаме до денес, две недели по објавувањето на песната, кога таа се искачи на првото место на музичката листа на Billboard за Топ 100 „најжешки“ песни во моментот. Со тоа, Оливер Ентони стана првиот артист кој се искачил на врвот на листата без претходно учество на која било музичка топ листа во каква било форма. Е тоа ти е деби!
Според бројките објавени од Billboard и Luminate, заклучно со 17 август, песната на Оливер Ентони собрала 17.5 милиони стримови, 147.000 платени преземања и 553.000 емитувања на радио. Во моментот на пишување на оваа статија, официјалното видео на песната поставено на Јутјуб има вкупно 34.547.613 прегледи и над 1,4 милиони лајкови.
Во изјава за Billboard, самиот Ентони вели дека виралноста се должи на тоа што „безнадежноста и фрустрацијата на нашето време резонираат со одговорот на оваа песна“.
Без разлика дали песната ви се допаѓа или не, се согласувате со нејзината порака или не, фактот останува дека таа во моментов е најпопуларната песна во САД – кантри-фолк песна со ефтина продукција, снимена во шума, без позитивна маркетинг промоција од големите музички студија, со негативна промоција и критика од мејнстрим медиумите, а насочена кон работничката класа…
Независно од тоа дали успехот ќе го следи Ентони во неговата претстојна кариера, песната „Богатите луѓе северно од Ричмонд“ ќе остане сведоштво за актуелните политички и културни поделби во САД и светот, како и студија на случај за тоа како еден независен артист може да ги пробие бариерите на музичката индустрија.
На некој начин, песната уште еднаш покажа дека слободниот пазар одлучува, а слободниот пазар сака автентичност!