Home » Во фокусот » За лажна реклама лани казнети 70 продавници во Македонија

За лажна реклама лани казнети 70 продавници во Македонија

`И во ЕУ измамата на потрошувачите строго се казнува. „Практикер“ во Бугарија пред неколку дена беше казнет со 40.000 евра`

Попуст од 50 отсто на сите продукти, „шопинг-часови со 80 отсто намаление на целокупната гардероба“, земете две, платете едно и што уште не. Реклами од овој тип секојдневно среќаваме по јавните гласила, билбордите и излозите на популарните магазини. Најчесто привлечени од високите попусти не пропуштаме можност да видиме што се нуди. Но многу често наместо попуст од 50 отсто на цела гардероба, се наидува на намаление само на одредени парчиња. Или ако ви треба нов шпорет и подготвени сте да платите само половина од сумата како што вели рекламата, ќе сфатите дека попустот е едвај пет отсто.

discount

Токму поради измама на потрошувачите, деновиве бугарскиот „Практикер“ доби казна во висина од над 40.000 евра која беше изречена од страна на нивната Kомисија за заштита на конкуренцијата. Односно, глобата изнесувала 0,1 отсто од приходите од продажба на стоки остварени во претходната година. Маркетот лани во ноември имал реклама во која се велело дека се што се нуди во маркетот е на попуст и од 22 отсто. Но нивната комисија за заштита на конкуренцијата утврдила дека наместо целокупната програма, на попуст биле само одредени артикли.

И кај нас се` повеќе измамите на потрошувачите се санкционираат. Лани околу 70 субјекти биле казнети од страна на Пазарниот инспекторат кој е надлежен за заштита на правата на потрошувачите токму поради измама.

И нашите закони се исти како европските. И кај нас заблудата на потрошувачите се казнува. Но институциите се различни – вели Благој Чурлинов, претседател на комисијата.

Во Пазарниот инспекторат во согласност со Законот за заштитата на потрошувачите во годинава извршил околу 704 контроли.

Санкционирани се околу 70 субјекти на надзор и исто толку во делот на трговијата. Во согласност со законските прописи висината на глобите е 700 евра во денарска противвредност за правно лице и 200 евра за одговорно лице во фирмата. Висината на казната е регулирана во членот 138, а во врска со член 12 – намалување и означување на распродажба на цени. Што значи не биле во ред распродажните цени – вели Kирил Миноски, директор на Пазарниот инспекторат.

Во Законот за заштита на потрошувачите стои дека измамата на потрошувачите е забранета со закон, а законските казни се од 3.000 до 5.000 евра.

Во Законот стои дека ако има попуст, тој мора јасно да се истакне и да се види колку проценти е истиот. Сопствениците на дуќаните треба да знаат дека покрај старата цена на етикетите мора да стои и новата цена, а ако не се намалени сите артикли, производите кои се на попуст мора да бидат физички одвоени – велат во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Според нив, лажните реклами по излозите дека има големи попусти ги доведуваат во заблуда потрошувачите и затоа сопствениците на дуќаните треба да се казнуваат.

РЕКЛАМАТА Е ВИНОВНА ЗА НЕСВЕСНОТО КУПУВАЊЕ

Професорот Џералд Залтман од „Харвард“, во својата позната книга „Kако размислуваат купувачите“ наведува дека 95 процента од сите мисли, емоции и учења настануваат во несвесниот ум, односно без свесно знаење. Така, потрошувачите општо, не можат да разберат или да објаснат зошто и како донесуваат одлука за купувањето или одлука генерално. Научниците покажаа дека луѓето донесуваат одлуки врз основа на емоции, кои потоа не можат рационално да ги оправдаат.

Така, немате потреба да купувате нова облека, но гледате дека има попуст до 40 проценти или с` е за 999, или на половина цена и слично, купувате нови парчиња, за кои подоцна имате грижа на совест. Со истите пари сте можеле да купите нешто што повеќе ви е потребно, но својата одлука ја оправдувате со размислувањето дека има попуст, ваква шанса не се пропушта и дека за извесно време нова облека секако ќе ви треба.

Извор: Дневник / Автор: Валентина Ангеловска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365