Денес започнува 70. издание на најголемиот креативен фестивал во светот, Cannes Lions. По тој повод, организацијата ги објави бројките за вкупниот број на креативните кампањи кои се пријавиле за натпреварувачкиот дел на фестивалот.
Според организацискиот одбор на Cannes Lions, за овогодишното издание се пријавиле вкупно 26,992 креативни проекти, што претставува пораст од 6% во однос на минатата 2022 година. Сите пријавени проекти сега ќе се натпреваруваат за да станат глобален репер за извонредност, креативност и ефективност во комуникациските индустрии за годината што следи.
„Промените во креативните проекти што се пријавени ни обезбедуваат моќен увид во пејсажот на индустријата и новите трендови. Високиот пораст на пријавени проекти од компании за производи за широка потрошувачка ја демонстрира вредноста што се вложува во креативноста што го води бизнисот. Силниот ангажман ширум разните категории на Lions, вклучувајќи ги областите во развој како B2B, гејминг, трговија и бизнис трансформација – ни покажува дека има зголемена доверба и инвестиции во нетрадиционалните канали. Во текот на следната недела, нашите жирија ќе курираат група на проекти достојни за „лавови“ и ќе го постават глобалниот репер што ќе нѐ води во годината што претстои, поддржувајќи ги оние што користат креативност за да поттикнат напредок“ – вели Сајмон Кук, извршен директор на LIONS.
Во својата прва година, категоријата Entertainment Lions for Gaming забележала дури 609 пријавени проекти, што го илустрира зголемувањето на соработката помеѓу брендовите и растечката гејминг индустрија.
Филип Томас, претседател на LIONS, коментираше: „Бројот на пријавени проекти во првата година покажува навистина силен ангажман со категоријата Gaming Lions, како доказ за релевантноста и можностите што гејмингот сега ги има во креативната маркетинг заедница. Возбудени сме што го гледаме обемот на проекти што произлегуваат од оваа категорија и би сакал однапред да им се заблагодарам на жирито што ќе го постават првиот репер за креативноста во гејмингот, покажувајќи што сѐ е можно во оваа исклучително возбудлива област“.
Некои од категориите со зголемен ангажман ги вклучуваат Brand Experience & Activation Lions кои забележаа пораст од 16%, во споредба со 2022 година, што го одразува обновениот фокус на брендовите кон подобрување на искуството на клиентите и градењето бренд. Пријавите за Creative Strategy Lions пораснале за 35%, препознавајќи ја примената на креативни решенија кои им овозможуваат на брендовите да го отклучат одржливиот раст и ефективно да го мерат влијанието. Во својата трета година, категоријата Creative Business Transformation Lions забележа пораст од 59%, што покажува како креативноста е движечка сила зад успешните бизниси кои минуваат низ време на промени. Пријавите во Creative Commerce Lions се зголемиле за 25% на годишно ниво, демонстрирајќи област на високи иновации во креативните потрошувачки патешествија и патеките за купување. Категоријата Outdoor Lions забележала зголемување од 7% во пријавите; делумно поттикнати од секторот FMCG каде што пријавите пораснале за 30% на годишно ниво, но исто така и од туристичкиот сектор кој забележал пораст од 84% на годишно ниво. Во однос на категоријата Entertainment Lions – за проекти кои се наоѓаат во пресекот помеѓу брендираните содржини и културата – бил забележан пораст од 18% на годишно ниво, односно скок од 78% во пријавите од секторот за потрошувачки услуги.
Добитниците на „лавови“ ќе бидат објавени за време на наградните церемонии кои што ќе се одржуваат секоја вечер во текот на фестивалот, од 19 до 23 јуни 2023 година.
Дополнителни информации за Cannes Lions може да се најдат на canneslions.com.