За прв пат во Македонија ќе се организира Фестивал на најдобрите настани за годината што изминала. БЕАМ Фестивалот (Best of Event Awards Macedonia) е на иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, а произлезе како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците.
БЕАМ е фестивал кој има за цел да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и поттикне важноста на настаните во маркетинг плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ја слави креативноста, уникатноста, иновативноста и вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани.
Ваков тип на фестивали и професионални награди се пракса речиси насекаде во светот а кај нас ќе се одржува за прв пат.
Настаните ќе се одбираат во 15 категории а ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во повеќе сектори од креативните индустрии.
„БЕАМ се јави како потреба за валоризирање на работата на професионалците во нашата индустрија. Навистина ни е потребна една ваква манифестација каде ќе можеме да согледаме до каде сме, што работиме и дали и колку е нашата работа квалитетна. Очекуваме Фестивалот да биде поттик за подигнување на стандардите и развој на индустријата за организација на настани“ – велат организаторите.
За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – www.beamfestival.mk. Пријавувањето трае до 20 февруари 2023 година. На страницата се објавени и членовите на жири комисијата и сите останати информации потребни за аплицирање.
„Очекуваме голем број на пријави во сите категории, имавме убава и плодна година со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа кој гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите“ – изјавија од БЕАМ.
Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала церемонија кон средината на март.