Туристичкото биро на Нов Зеланд (Tourism New Zealand), во партнерство со еколошката непрофитна организација Trees That Count, ја лансираше иницијативата “Forest of Hope” („Шума на надежта“) со цел 2021 година да се започне со малку позитивност.
Кампањата ги повикува луѓето од целиот свет отворено да ги споделат своите разочарувања за 2020 година и за секое едно од нив да донираат по едно дрво во „Шумата на надежта“, која ќе биде засадена во близина на Квинстаун на северниот новозеландски остров.
„Во Нов Зеланд, маорските (домородни) вредности на manaaki и tiaki се навистина релевантни за денешницата. Manaaki зборува за важноста на емпатијата, а tiaki нé инспирира да се грижиме за луѓето и местата. Додека нашите граници остануваат затворени за меѓународни посетители, ние сакаме да споделиме малку manaaki и да го поддржиме чувството на tiaki за оние кои имаат потреба од оптимизам во новата година,“ посочи Сара Хендли, генерален менаџер на Tourism New Zealand.
Сите кои се заинтересирани да ги споделат своите разочарувања за 2020 година и да донираат дрво во „Шумата на надежта“, можат да го сторат тоа преку официјалниот веб-сајт на Tourism New Zealand. Штом дрвото ќе биде посадено, оној кој го донирал за тоа ќе добие известување преку електронска пошта.
Од Нов Зеланд ги покануваат сите донирачи, штом границите повторно бидат отворени, да ја посетат оваа магична земја и „Шумата на надежета“ која тие помогнале да биде создадена.