Изминатата деценија донесе, меѓу другото, пораст на вештачката интелигенција и виртуелните асистенти, благодарение на што се забрза дигитализацијата и автоматизацијата, особено кога станува збор за превозните средства и индустриското опкружување. Покрај тоа, за прв пат се спомна и тоа дека роботите се подготвени за Туринг-тестот, што значи дека тие би можеле за брзо време да се преселат надвор од лабораторија во секојдневниот живот.
Во 1950 година, Ален Туринг објави статија под наслов „Компјутерска машинерија и интелигенција“, во која, меѓу другото, го постави и прашањето: „Дали машините можат да мислат?“ Наместо прецизно да ги дефинира поимите “машина“ и “мислење“, Туринг понуди неколку начини на кои би можело да се одговори на ова прашање, а инспирација најде во викторијанската игра на имитација. Правилата на играта налагаат маж и жена кои се наоѓаат во различни простории да комуницираат со испитувач преку пишани пораки, а испитувачот треба преку ракописот да погоди чија е пораката, а задачата уште повеќе се искомплицира со тоа што на машкиот играч му се налага да го „имитира женскиот ракопис “.
Инспириран од оваа игра, Туринг разви експеримент во кој еден од човечките играчи е заменет со компјутер. Во случај кога машината ќе успее да го измами испитувачот и тој нема да знае кој играч е човек, а кој е машина, машината би се сметала за интелигентна. Експериментот стана познат како „Туринг-тест“ и денес сè уште се смета за една од најпознатите идеи во светот на вештачката интелигенција.
Тестот дава практичен начин за да се утврди дали компјутерот постигнал човечко ниво на интелигенција.
Седумдесет години подоцна, машините веќе станаа возачи, уметници, асистенти на лекарите, па дури и пријатели, а со новите привилегии дојдоа и нови опасности, што најдобро се гледа преку фаталните сообраќајни несреќи за кои се одговорни автономните автомобили. Во следната деценија, ова би можело да стане уште почувствителен проблем, а програмирањето на вештачката интелигенција е морално прашање, најмногу затоа што треба да се регулира правниот статус на машините кои достигнуваат ниво на човечка интелигенција.
Во изминатата деценија, слабо програмираните алгоритми доведоа до расистички испади кај машините и смртни случаи за време на разни инциденти, така што се очекува етиката и моралната психологија да бидат вклучени во тој процес за машините да не прават слични грешки во иднина.