Ако сакате да се забавувате овие денови и да подготвите уникатен музички перформанс за вашите најблиски на Божиќ, Гугл има совршена алатка за вас.
Благодарение на комбинацијата на вештачка интелигенција и машинско учење, уметникот Дејвид Ли создаде алатка која на секој им овозможува да дизајнира своја опера и изведба со помош на квартет од симпатични ликови кои се појавуваат на екранот.
Во проектот „Blob Opera“, корисниците можат да изберат кој лик ќе пее во својот распон на глас – бас, тенор, мецосопран или сопран. Со едноставно влечење на глувчето, корисниците го контролираат тонот и јачината на звукот, а ликовите на екранот го следат курсорот и го прилагодуваат своето „пеење“ на неговите движења. Кога првиот лик започнува да пее, другите инстинктивно го следат, а доколку не сакате да ги вклучите сите четири карактери или гласови, слободно можете да ги замолчете несаканите.
За да ја овековечите вашата работа, можете да ја снимите со притискање на копчето за снимање лоцирано во долниот лев агол на екранот. За празничната атмосфера ќе се погрижи копчето во форма на новогодишна елка, кое овозможува изведба на класични божиќни песни како „Jingle Bells“.
Проектот „Blob Opera“ е создаден како еден вид посвета на најстариот музички инструмент – човечкиот глас, а четирите лика што се појавуваат на екранот се базираат на гласовите на четворица вистински оперски пејачи кои снимиле околу 16 часа гласовни записи и пеење.
Ако одлучите да си поиграте и експериментирате со „Blob Opera“, можете да ги споделите вашите дела и божиќни песни со пријателите и семејството и на тој начин да им ги разубавите празниците дури и ако не се близу до вас.