Анимираниот цртан лик Пепе ле Пју (познат и како Пепе ле Твор) во текот на минатата недела се најде во центарот на вниманието на американската и светската културна јавност. Причината е тоа што цртаниот јазовец со француски акцент е обвинет за промовирање на „сексуално вознемирување“ и „култура на силување“.
Имено, од неговото прво појавување на малите екрани во 1945 година, јазовецот стана препознатлив како „упорен“ (а некои би рекле и „претерано упорен“) љубовник кој се обидува заведе една црно-бела мачка за која мисли дека е јазовец.
Целата контроверзија започна пред две недели кога под лупата на јавноста се најдоа детските книги на американскиот автор и илустратор Тед Гизел (попознат како Доктор Сус), поради неговите наводни „расистички“ и „сексистички“ теми и мотиви.
Тоа беше поводот за еден колумнист во New York Times да напише текст за негативните аспекти на цртаните ликови создадени од карикатуристот и аниматор Чак Џонс, инаку добар пријател и соработник на Доктор Сус, меѓу кои се најдоа и Пепе ле Пју и Спиди Гонзалез.
Јавноста особено се „зафати“ за ликот на Пепе ле Пју, за на крај целиот притисок да доведе до одлука од страна на филмското студио Warner Bros (во чија сопственост е цртаниот лик) да го повлече јазовецот од претстојното издание на полуанимираниот и долгоочекуван филм “Space Jam 2: A New Legacy”. Исто така е веројатно и мошне извесно дека студиото трајно ќе го „пензионира“ Пепе ле Пју.
Случајот со цртаниот лик доби толку големо внимание од американската јавност, што во дискусијата за негово повлекување или задржување се вклучија дури и сенатори и конгресмени, а острите дебати помеѓу неговите фанови и противници беа честа појава на социјалните мрежи и онлајн форуми.