Автомобилскиот бренд Volkswagen неодамна во Австралија објави реклама за промоција на своето ново теренскo пикап возило Amarok V6, насловена „Too Powerful for TV“ („Премногу моќно за на телевизија“).
Рекламата, создадена од агенцијата DDB Австралија, го прикажува возилото во опасни ситуации полни со акција, но баш во моментот кога е „најгусто“, сцената се менува и прикажува екстатичен режисер кој со минијатурен модел на автомобилот и преку макети на теренот им објаснува на продукцискиот тим како сака да изгледа вистинската сцена.
Спотот е очигледно замислен на ваков начин со цел, преку хумор, да избегне евентуална забрана за опасни сцени. Според Фолксваген, „рекламата ја раскажува приказната на еден адвертајзинг директор кој има нералистична визија за најимпресивната реклама за автомобил во светот.“
Но, обидот за избегнување на забрана беше толку провиден, што австралискиот регулатор сепак ја забрани, опишувајќи ја како „глупава и непромислена реклама која може да ги поттикне возачите на опасни акции.“
Како одговор на забраната, Фолксваген објави нова верзија на спотот, насловена „Се’ уште премногу моќно за на телевизија“, во која се исечени одредени сцени (при што тоа е јасно назначано), или пак автомобилот, поточно неговиот минијатурен модел, се „цензурира“ со црн квадрат.
Дали сега рекламата ќе избегне нова забрана, останува да видиме.