Балканска дизајн мрежа (Balkan Design Network) е иновативна платформа основана од страна на Јавна Соба од Скопје, Миксер од Белград и Хрватско Дизајнерско Друштво од Загреб, со цел артикулација и давање на стратешка поддршка за развој и промоција на балканскиот дизајн, како во регионот, така и на европско и меѓународно ниво, подигнување на свеста за значењето на дизајнот во процесите на економскиот и социјалниот развој, како и промовирање на вредностите на дизајнот меѓу широката публика.
BDN e настаната како логична реакција на поволната клима за развој на креативнитите дејности на Балканот и како целосно независна структура Балканската дизајн мрежа повикува експерти, дизајнери од сите профили, дизајн организации, формални и неформални образовни институции, производни компании и агениции за развој, да ги здружат своите искуства и под покровителство на новоформираната отворена платформа да ги насочат кон проактивно менување на реалноста во регионот и создавање на поволни услови за развој на дизајн секторот и унапредување на економијата.
Еден од клучните мотиви за основањето на мрежата е потребата за заедничко стратешко и долгорочно делување на регионалните дизајнерски организации и институции во креирање врска помеѓу дизајн и бизнис секторот, како и воспоставување ефективна соработка со државни институции со цел подобро разбирање на системот за инвестиции во креативниот потенцијал на Балканот и негова конкретна примена во бизнис секторот.
Проектот Балканска дизајн мрежа е поддржан од страна на Европска Унија, преку платформата Креативна Европа застапувајќи го така интересот на дизајн секторот од сите земји во југоисточна Европа: Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Унгарија, Македонија, Романија, Словенија, Србија и Турција.
Мисијата на Балканската дизајн мрежа е да ја зајакне социјалната улога на дизајнот како катализатор на хуманото, паметното и одржливото окружување кое ќе придонесе за развој на општата човечка благосостојба. Трите организации кои ја основаа оваа платформа ја имаат докажанo својата способност и интегритет преку долгогодишно делување и промовирање на дизајнот како дисциплина и начин на размислување кој овозможува конструктивни иновации со цел развојна економијата и општеството. Дизајнерите кои преку активностите на овие организации добија значајна присутност во јавноста и можност за реализирање на своите идеи, покажаа извонредна прилагодливост која ветува големи резултати во иднина. Токму таа способност на снаоѓање во неповолни услови и развој на современите, одржливи пракси во такви услови е нешто во што дизајнерите од земјите во транзиција, особено од Балканот, можат да станат предводници на европската креативност во перманентната криза која европските политичари континуирано ни ја прорекуваат.
Еден од првите заеднички потфати и конкретни активности на Балканската дизајн мрежа е унапредување на проектот „Young Balkan Designers“. Освен веќе етаблираниот натпревар на млади дизајнери и регионалните гостински изложби, Балканската дизајн мрежа од оваа година на младите балкански дизајнери ќе им понуди можност за дополнително образование и далеку поголема меѓународна видливост на релевантни дизајнерски манифестации, преку гостување на самите дизајнери, интензивни едукативни активности, работилници и пракси во напредни компании од регионот, како што се повеќе пати наградуваниот произведувач на мебел „Просторија / Квадра“ од Хрватска и српскиот лидер во производство на осветлување, компанијата Buck, добитник на престижни европски награди за дизајн.
Идните чекори за развој на мрежата во одржлива, робусна и системски изградена организација, се насочени кон развивање на клучни стратешки и оперативни активности кои даваат поддршка за развој на дизајн секторот, преку истражувачко – развојни проекти поврзани со иновација во дизајнот, но и за економскиот аспект на дизајнот, изложбени и промотивни активности, размена со образовните институции, соработка со производители, како и проширување на членството – вклучувајќи што поголем број актери од сите земји во регионот.
Посебен акцент е ставен на креирање на здружена база на податоци на дизајнери и производни ресурси во регионот, спроведување на „нулта студии“,истражувања на дизајн секторот и осмислување на регионалната стратегија за дизајн која ќе го зајакне статусот на дизајн заедниците на национално ниво, ќе ја обнови мултикултуралната соработка на Балканот и ќе го афирмира балканскиот дизајн како културен феномен и препознатлив идентитет на глобалната сцена.
За развој на Балканската дизајн мрежа клучна улога ќе има искуството на релевантните партнерски институции од земјите и регионот кои можат да се пофалат со примери за добра пракса на примена на дизајнот и креативните дисциплини во промоција и развој на својот регион, како што се Скандинавските земји, Велика Британија, Австралија итн. чии претставници на Западниот Балкан ги повикуваме да пружат стратешка поддршка на иницијативата, уверени дека дизајнот, како составен и неразделен дел од општеството и секојдневниот живот, може да придонесе за унапредување на квалитетот на Балканот и поголема ефикасност во јавниот сектор.