Месецов започна со работа „Урма“, првата концептуална онлајн продавница во Македонија.
Концептуалните продавници го соединуваат пазарењето со културата на живеење, пружајќи им несекојдневно и стилско купувачко искуство на потрошувачите. Ваквите продавници вообичаено нудат дизајнерски производи со висок квалитет, како и внимателно одбрани производи од етаблирани брендови, креирајќи селекција која има и културни придобивки за купувачите.
Следејќи го овој модел, онлајн продавницата „Урма“ нуди уникатен асортиман и има за цел да ја поддржи работата на локалните креативци кои изработуваат производи од областа на модата, убавината, дизајнот и животниот стил. „Преплет“, „Цветна Фабрика“, „Паис Керамика“, „Пура Перла“, „Мапси“, „Капка“, „Игнис Криејтив“, „Ксенија Котев“ и „Намика“ се само дел од локалните брендови што можат да се купат на „Урма“. Од продавницата најавуваат дека овој асортиман постојано ќе се проширува.
Покрај локалните брендови, на „Урма“ се достапни и одбрани производи од домашни и странски брендови со воспоставен квалитет и корисна намена. Продавницата има и сопствен, истоимен бренд кој иницијално нуди трендовски фрижидерчиња за козметика, кутии за плочи и бамбусови чинии за деца, а ќе биде дополнет и со други производи понатаму.
Посебен акцент во е-продавницата е ставен на дизајнерски продукти за мајки, деца и бебиња, групирани во засебната секција „Мајки и деца“.
„Урма“ е предводена од сестрите Александра и Анастасија Белчеви кои велат дека ја основале продавницата водени според интуицијата и инспирирани од меѓусебните разговори за тоа што користат, гледаат, носат, подаруваат, на што се восхитуваат, што ги забавува и што им помага.
„Искрено посакуваме да создадеме модерен бренд за животен стил со кој ќе се дружат оние кои ќе ја препознаат нашата идеја и ќе се пронајдат во целиот овој концепт“, велат основачките.
Продавницата е достапна на www.urma.mk.