Денес започнува мониторингот на известувањето на радиодифузерите за Локалните избори 2017 година, што го спроведува Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно Изборниот законик.
До сите радиодифузери веќе е испратен допис во кој прецизно се информираат за обврските од Изборниот законик до коишто треба да се придржуваат до започнувањето на изборната кампања, а ќе се одржат и посебни обуки. За начинот на известување на радиодифузерите, Агенцијата ќе објавува извештаи за секој период од 10 дена.
Методологијата за мониторинг и Изборниот законик се достапни на веб страницата на Агенцијата, во посебниот банер Избори 2017, каде ќе се објавуваат сите информации поврзани со Локалните избори.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги потсетуваат дека од денот на распишување на изборите тече рокот од пет дена, во кој сите телевизии и радија коишто ќе емитуваат платено политичко рекламирање за време на изборната кампања, треба да ги утврдат и достават ценовниците до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (преку архива или на е-адресата contact@avmu.mk), до Државната изборна комисија, до Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата.