Home » Во фокусот » Започнува неделата против лажните вести

Започнува неделата против лажните вести

Институтот за комуникациски студии (ИКС) од денеска до 18-ти ноември, ќе организира серија обуки, дебати, онлајн квизови и видеа, и за првпат ќе ја одбележи Неделата против лажните вести.

Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја подигнат свеста за штетата која лажните вести, манипулациите и дезинформациите ја нанесуваат на целото општество.

– Новите медиуми нудат простор за неограничена слобода на изразување, која за жал често се злоупотребува од поединци, кои не размислуваат или воопшто не им е грижа за етичките стандарди на информирање и одговорно искажување на ставовите. Сведоци сме на зголемен тренд на лажни вести и манипулации, кои некогаш ниту експертите не можат да ги препознаат – вели Жанета Трајкоска, директорката на Институтот за комуникациски студии.

Таа додава дека преку Неделата против лажните вести сакаат да ги отворат овие прашања, да им понудат на граѓаните алатки да ги препознаваат ваквите медиумски манипулации и да реагираат.

Во рамките на Неделата против лажните вести, денеска, утре и на 15-ти ноември, ИКС ќе организира три обуки за средношколци, за студенти и за пензионери и ќе им понуди на учесниците алатки за полесно да ги препознаат лажните вести.

Во среда(14 ноември) е онлајн семинарот „Со новинарски техники до појасна слика: истражувачкото новинарство против лажните вести“ со новинарката Кристина Озимец, а во вечерниот термин во кафулето „Концепт 37“ ќе има дебата со Сашо Ордановски, Милка Смилевска и Сеад Џигал, кои ќе расправаат на тема како да се справиме со дезинформациите и лажните вести во медиумите.

Неделата ќе приврши во четврток со вебинарот „Зошто е важна медиумската писменост?“.

Во рамките на Неделата против лажни вести ќе бидат промовирани четири едукативни видеа кои ИКС ги подготви како дел од оваа кампања, како и неколку квизови на кои сите заинтересирани ќе можат да си ги проверат сопствените медиумски познавања, а ќе има можност и за прашања од граѓаните на кои ќе одговараат експерти од медиумските институции и организации од земјата.

За сите активности кои ќе бидат дел од Неделата против лажните вести повеќе информации ќе можат да се добијат на http://stopdezinformacii.mk или на фејсбук страницата https://www.facebook.com/StopDezinformacii/.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365