Денес, на 16 јануари 2024 потпишан е меморандум за соработка помеѓу министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска и директорот на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, г-динот Александар Марјановиќ.
Со потпишувањето на овој меморандум официјално започнува да функционира и фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ. Во согласност со меморандумот, Фондацијата на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства, мали групни домови и установите на министерството се обврзува да им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовка за вработување и ќе реализира 1-на-1 менторска програма.
Mенторската програма ќе ја изведуваат успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од hi-tech индустријата кои ќе го споделат своето животно и професионално искуство со децата и ќе се обидат не само да ги инспирираат туку и да ги поттикнат на дејство, давајќи им при тоа клучни насоки за ориентација и ќе им пружат поддршка во нивната кариера.
На средбата по повод потпишувањето на меморандумот, министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска, изјави: “Партнерствата што ги формираме со цел да поттикнеме нови иницијативи и истите ги доведеме до реализација, особено кога се работи за иницијативи што го подобруваат квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани, се наоѓаат во центарот на нашите напори.”
„Да се биде ментор на дете без родител(и) е речиси исто толку благороден чин како и посвојувањето. Пресреќен сум што министерката Тренчевска ја препозна и поддржа оваа наша иницијатива која има за цел на овие деца да им овозможи услови за личен и професионален развој“ – изјави Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот.