Националната установа „Спомен куќа на Тодор Проески“ од Крушево веќе 12 години го чува сеќавањето на една од најмаркантните фигури во поновата македонска историја. Претставува простор со повисока вибрација од нормалната, каде не постојат емоциите „рамнодушност“ и „лошо“. Секој кој влегол во оваа величествена архитектура и ја почувствувал нејзината енергија, повторно се враќа.
„Преубаво место каде може да го почувствувате душевниот мир на легендарниот Тоше. Преубава градба со многу експонати. Прекрасен персонал“. „Извонредна уметност, прекрасно место со многу човечна енергија, спомен куќа од највисок ранг. Сум бил три пати, но би се враќал секогаш тука“. Вака посетителите и фанови на Тоше ја опишуваат институцијата и нејзините вработени. Која, несомнено претставува удобно прибежиште од суровоста на реалноста, место каде тагата се претвора во небесна радост и спокој.
Водени од желбата секој поединец да може да ја почувствува топлината на ова волшебно место, вработените во Спомен куќата на Тодор Проески и Министерството за култура, поставија тактилни слики со музејски предмети од личниот живот на Тоше, за потребите на лицата со оштетен вид. Тие се надеваат дека ваквиот чин ќе овозможи поголемо ниво на доживување на животот на звездата Тоше и ветуваат дека работат на други позитивни промени. „Ова место е полно со енергија, со душа, со љубов, токму каков што беше и нашиот Тоше. Секој кој доаѓа, заслужува да ја доживее таа енергија, да го „допре“ Тоше, да ја почувствува неговата присутност во секој предмет изложен во неговата Спомен куќа. Затоа одлучивме да овозможиме и лицата со посебни потреби да се поврзат со Спомен куќата и преку тактилни слики, да допрат до Тоше“, изјави директорката Лефкија Гажоска.
Според неа, само Тоше умееше да гали со душата, ја сакаше сечија душа и пееше од дното на својата душа. „Оттука,сечија душа заслужува максимални можни услови при посета на Крушево и Спомен куќата, да дојде и да ја почувствува Тошевата и Македонската душа која тлее во свежиот воздух и духовниот туризам кој го нуди градот“, додава Гажоска.
Во чест на Тоше и годинава се одржаа традиционалните 16-ти Ултра маратон од Нова Градишка до Крушево, 7-миот велосипедски маратон на истата рута, одбележување на „Ѕвезденото небо“ на 5-ти октомври и последниот концерт на Тоше на градскиот стадион.
Општина Крушево ја заокружува годината како една од најуспешните досега, оставајќи зад себе уште еден моќен настан по повод 120 години Илинден, 2023 година е прогласен за „Град на културата“ и многу други културни проекти. Тимот на Општината успешно ги одржува и постојано ги унапредува обележјата и значајните симболики во градот. Самото Крушево е вечниот симбол на Македонија и Македонштината.
Крушево секогаш силно ќе свети – со светлината на најсјајните ѕвезди изнедрени од неговите височини.