Заврши најголемата медиска ревизија на годината, која започна уште кон крајот на март. Според проценките, медиската ревизија на корпорацијата Unilever се однесуваше на буџет вреден повеќе милијарди долари.
Најголем победник од ревизијата излезе агенцијата Mindshare, дел од мрежата на WPP, која и досега држеше најголем дел од пазарите на Unilever, но сега и дополнително го прошири својот домен. Имено, Mindshare сега ќе биде задолжена за шесте најголеми светски пазари на Unilever: САД, Обединетото Кралство, Индија, Индонезија и Кина (последнава беше добиена во посебна ревизија минатата година, заедно со Јужна Америка).
Други победници од ревизијата излегоа PHD на Omnicom, кои ќе бидат задолжени за Канада, Австрија, Германија, Швајцарија, Северна Африка, Блискиот Исток и Турција. Агенцијата Havas Media ја добила Франција, а дел од бизнисот на Unilever задржала и агенцијата Initiative на IPG.
Сумирано, мрежата на WPP ќе биде задолжена за 80% од глобалниот бизнис на Unilever, што е еднакво на околу 3.4 милијарди долари.
Unilever важи за еден од најголемите огласувачи во светот, во чија сопственост се брендови како Ben & Jerry’s, Comfort, Dove, Hellmann’s и Marmite.