Американскиот медиски гигант Paramount минатата недела соопшти дека ќе ја намали својата работна сила во САД за 25% и дека притоа „става клуч“ на MTV News – новинскиот оддел на музичката видео мрежа MTV, кој повеќе од три децении покриваше широк спектар на прашања од поп културата до политиката.
Крис Мекарти, кој ги предводи Paramount Media Networks, MTV и Showtime, во меморандум до вработените посочил дека и покрај „успехот“ на медискиот гигант во сферата на стримингот, компанијата продолжува да „чувствува притисок од пошироките економски придвижувања“ како и многу од нивните колеги и конкуренти.
„Како резултат на тоа, донесовме многу тешка, но неопходна одлука да го намалиме нашиот домашен тим за приближно 25%. Преку елиминација на некои оддели и со рационализирање на други, ќе можеме да ги намалиме трошоците и да создадеме поефективен пристап кон нашиот бизнис ккао што се движиме напред“ – додава Мекарти.
Одлуката за затворање на MTV News доаѓа еден месец по затворањето на BuzzFeed News, односно во време кога Vice Media најави стечај. Во последните неколку месеци, пак, бевме сведоци на големи отпуштања од медиуми како CNN, NBC News, The Washington Post, NPR, Vox Media и многу други.
Речиси секоја голема американска компанија за вести, забава и технологија се одлучи да ја намали својата работна сила во последниве месеци, како резултат на падот во пазарот на огласување и други предизвици со кои се соочува индустријата.