После речиси седум децении, култниот магазин „Плејбој“ се откажува од своето печатено издание во САД поради кризата предизвикана од корона вирусот.
Плејбој веќе некое време беше во финансиски проблеми, а пандемијата на вирусот го зададе последниот удар врз печатеното издание, објави компанијата на својот блог.
Претстојното пролетно издание ќе биде последно печатено издание на списанието, кое покрај по своите еротски фотографии, е познато и по интервјуата, политичките текстови и фикцијата.
Плејбој со години ги губи приходите, а продажбата е намалена уште од златното време на 1970-тите, кога продаваше милиони копии.
„Со нарушувањата што ги донесе пандемијата во поглед на производството и мрежата на снабдување, на сите ни стана јасно дека сега е вистинското време Плејбој да се префрли од печатено во дигитално издание. Одлучивме дека нашето пролетно издание, кое стигнува оваа недела како во трафиките, така и како дигитално издание, ќе биде нашето последно печатено издание оваа година во САД“, стои во соопштението на магазинот.
Плејбој ќе продолжи со своите активности на интернет, како и со печатените изданија во другите држави.
Инаку, магазинот „Плејбој“ е основан во 1953 година од Хју Хефнер и оттогаш стана глобален бренд, опфаќајќи и ТВ-емиии, клубови, издавачка куќа и разни настани.