Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ ќе постави машини за рециклирање на пластични и стаклени шишиња преку кои ќе се добиваат пари за паркирање. Како што истакнаа оттаму, веќе се набавени 9 вакви машини, а до крајот на годинава ќе бидат купени уште 18. Нивното поставување, велат оттаму, ќе почне од почетокот на март и за секое фрлено шише граѓаните ќе добијат по 1,5 денар.
Сите жители кои ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од општината во замена за пластични и стаклени шишиња. Притоа, за секое шише ќе добијат одреден прилив пари на новата платежна картичка „GreenPay Card“ со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл, или да плаќаат за услугите кои ги нуди претпријатието.
За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година, со што, за секое рециклирано шише обезбедени се 1,5 денари. На овој начин, како што изјавија од ЈП „Паркинзи Општина Центар“, ќе се подигне свеста кај граѓаните за рециклирање.