Од иницијативата Fashion Revolution Macedonia упатија отворено писмо до брендовите за мода и убавина да започнат со применување на нови и еколошки практики во пакувањето на подароци во пресрет на празничната сезона. Односно, брендовите се повикуваат да не користат вишок на материјали како хартија, бидејќи иако овие додатоци се убави како украси, тие не вршат никаква дополнителна функција, а потоа завршуваат како отпадоци.
„Како дел од напорите да се намали количината на наупотребени предмети што несомнено завршуваат во отпад, Ве повикуваме да ја проширите Вашата еколошка свест оваа празнична сезона и во иднина! Ги повикуваме PR агенциите и брендовите да применат нови начини на пакување и да настојуваат тие да бидат исклучиво еколошки. Одржливоста не е тренд, туку стил на живеење. Секако, благодарни сме за можноста да ги искусиме новите производи и брендови, но исто така правиме напор наш приоритет да биде одржливоста, како на професионален план, така и во нашите лични навики,“ стои во отвореното писмо на Fashion Revolution Macedonia.
Од иницијативата ги охрабруваат брендовите дека треба да ги израдуваат нивните корисници со промотивни подароци и нови производи кои ќе бидат изработени на еколошки и одржливи принципи.