Швајцарскиот бренд на чоколадни производи Lindt ја претстави својата прва кампања која ќе се емитува за време на најзначајниот телевизиски настан на американскиот пазар – финалето во националната фудбалска лига, попознато како Super Bowl.
Кампањата го носи насловот „Life is a Ball“, што во буквален превод значи „Животот е топка“, алудирајќи на топчестата форма на чоколадните бонбони на Lindt, а во преносна смисла може да значи „Животот е уживанција“ во соодветниот културен контекст.
Централниот спот на кампањата отпочнува со сцена во која една жена чита книга во својата дневна соба и држи чоколадна бонбона од Lindt. Во натприроден манир, жената ја пушта бонбоната да полета како златното летечко топче од Хари Потер, следејќи ги стиховите на ретро хитот „Round and Round“ од Пери Комо од 1957 година.
Бонбоната лета низ градот и неговата околина, минувајќи низ естетски привлечни сцени во кои различни луѓе уживаат во чоколадните бонбони на Lindt – една жена ужива во паркот, друга во својот базен, а млад заљубен пар лежи на паркиран автомобил во природа. На крајот, летечката бонбона се враќа кај својата сопственичка, кулминирајќи со задоволувачки залак.
Кампањата е создадена во соработка со канадската креативна агенција Grey Toronto.