За прв пат насловните страници на сите австралиски весници изгледаат исто
Најголемите медиумски ривали во Австралија за прв пат покажаа единство со објавување на истата насловна страница во знак на протест против ограничување на печатот.
Весниците, како „Daily Telegraf “, “The Sydney Morning Herald“,“The Australian“ и други, утрово беа издадени со насловни страници на кои пишуваше „тајна“ и текст кој беше скоро целосно зацрнет со црна боја.
Протестот на весниците е насочен кон законите за национална безбедност за кои новинарите велат дека го задушиле известувањето и создале „култура на тајност“ во Австралија.
Од друга страна, австралиските власти посочуваат дека ја поддржуваат слободата на печатот, но исто така велат дека „никој не е над законот“.
Кампањата “Имаш право да знаеш“ започна во јуни од страна на 19 медиумски организации и весници, кои протестираа против упадот на полицијата во канцелариите на телевизијата Еј-Би-Си и во домот на еден новинар во потрага по документи обезбедени од свиркачи, што предизвика исклучително негативни реакции од јавноста. Медиумските организации изјавија дека овие рации биле организирани заради текстови што потекнуваат од нив.
Еден текст се однесува на наводните воени злосторства, додека друг наведува дека владините агенции се обиделе да ги шпионираат австралиските граѓани.
Денешната кампања на печатените медиуми, започната од коалицијата “Right to Know“, ја поддржаа и повеќе телевизиски и радиостаници, како и интернет портали.
Мајкл Милер, извршен директор на „News Corp Australia“, ја постави на твитер фотографијата, во која се наоѓаат насловните страници на дневните весници.
Тој им порача на граѓаните да ја прашаат државата: „Што се обидуваат да сокријат од нас?“