Швајцарскиот завод за интелектуална сопственост го блокира обидот на германската компанија да ја прошири примената на нејзиното лого надвор од класата која ги опфаќа алхохолните пијалоци
Швајцарскиот федерален завод за интелектуална сопственост зазеде став дека логото на „Jägermeister“, кое покажува елен со крст меѓу неговите рогови, може да биде навредливо за припадниците на христијанската верска заедница затоа што симболот на крстот се наоѓа на шишињата на овој хербален ликер. Водејќи се од ова гледиште, Заводот го блокираше обидот на германската компанија да го прошири своето лого надвор од класата што опфаќа алкохолни пијалоци.
Сепак, швајцарскиот суд заклучи поинаку. Судот го отфрли предлогот на Швајцарскиот Федерален завод за интелектуална сопственост, во кој се бараше порестриктивна примена на логото „Jägermeister“, тврдејќи дека неговиот изглед ги навредува религиозните чувства на дел од граѓаните на оваа земја.
Имено, во одлуката тие изјавиле дека иако логото потекнува од христијанската вера, за современиот потрошувач тоа е исклучиво поврзано со алкохолот, затоа што интензивната употреба на логото за обележување на ликерот Jägermeister, со текот на времето го ослабнала религиозниот карактер каков што оваа слика некогаш го имал и денес, со неа не може да биде повредена ничија религиозност, пренесува Фокс Њуз.
Сепак, за визуелниот идентитет на овој ликер, германската фирма навистина може да и` се заблагодари на една древна приказна.
Потеклото на еленот на сликата се поврзува за легендата на Свети Хуберт, која датира од осмиот век.
Имено, пред да стане Апостол на Ардените, Св. Хуберт бил страствен ловџија. Според приказната, на Велики Петок, бркајќи елени низ шумата, Свети Хуберт доживеал привидение во кое му се прикажала слика на распетие со крст меѓу еленски рогови и слушнал глас кој натерал да се приклони кон христијанството.
Оваа легенда ќе продолжи да живее и во 21 век, бидејќи Jägermeister ќе може да го користи своето лого за обележување на сите свои производи и промотивни активности на територијата на Швајцарија, вклучувајќи козметика, мобилни телефони и телекомуникациски услуги, по решението на швајцарскиот суд.