Брендот и симболичката перцепција на имиџ се од клучна важност за секој човек, компанија, град или држава. Но, џабе брендот, ако не постои бренд-препознатливост. Односно, доколку никој не го препознава или погрешно го препознава твојот бренд.
Во случајот на градовите, сите го препознаваме Париз, Лондон, Рим или Берлин. Но, зошто Виена, некои ја препознаваме како Виена, а други како Беч?
Главниот австриски град на убавиот син Дунав има богата историја. Своевремено, тој бил еден од најзначајните градови во светот – центар на културата, музиката, науката и дипломатијата. Токму поради таквата богатата и испреплетена историја на градот, денес во Европа тој има две имиња.
Изворното име Wien, од кое произлегуваат англиското Vienna и македонското Виена, своето потекло најверојатно го влече уште од антиката. Имено, се претпоставува дека во неговиот корен стои келтското vedunia во значење „шумски поток“ т.е. „шумска река“, или пак римското име за тамошната населба Vindobona. Потоа во средниот век, од овој келтски корен настанал германскиот збор wenia, па дошло името Wien.
Според друга теорија пак, името Виена доаѓа од германскиот назив за Словените – Wenden, Winden.
Но, исто така во Средниот Век, на овој простор се појавил уште еден моќен народ – Аварите. Тие се оние кои најверојатно на истиот простор имале своја тврдина од чие име произлегол унгарскиот назив Bécs, односно турскиот Beç, хрватскиот Beč и српскиот Беч.
Сепак, најинтересен назив за градот Виена (трета варијанта) има во словенечкиот јазик – Dunaj, според реката Дунав.
Всушност, произлегува дека двете (трите) имиња на Виена не се нејзин недостаток, туку баш напротив – рефлексија на нејзиното богато културно наследство, кое истовремено е и најзначајниот елемент во градењето на нејзиниот градски бренд.