Веднаш по непријатните настани на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, технолошката компанија Мета одлучи да ги суспендира официјалните профили на американскиот претседател Доналд Трамп на платформите Фејсбук и Инстаграм. Во тој момент, се чинеше дека односите помеѓу Трамп и лидерот на Мета, Марк Зукерберг, се едноставно непоправливи.
Всушност, тензијата помеѓу двете страни тлееше веќе подолго време. По големата важност на социјалните медиуми во Трамповата победа од 2016 година, Мета одлучи да ги ограничи политичките постови на своите платформи и да воведе проверка на факти од трети страни, која според многу Републиканци, била пристрасна кон Демократите.
Потоа, во кампањата за изборите во 2020 година, следуваше потиснувањето на веста за инкриминирачкиот лаптоп на Хантер Бајден, син на претседателот Џо Бајден, тогашен противкандидат на Доналд Трамп. Тоа, според самиот Зукерберг, било направено по претходно дојава на разузнавачката заедница дека можеби се работи за странска „дезинформација“.
Меѓутоа, при гостување на поткастот на Џо Роган во 2022 година, Зукерберг јавно ја призна грешката на Мета во однос на случајот со лаптопот, кој се покажа како веродостоен. Оттогаш почнува постепеното помирување на Зукерберг и Трамп.
Во јули 2024 година, Мета одлучи да ја прекине суспензијата на профилите на Трамп и да го врати тогаш поранешниот потпретседател на Фејсбук и Инстаграм.
Во ноември, ведаш по новата победа на Трамп, Зукерберг отпатува до неговата резиденција во Мар-а-лаго во Флорида, за да оствари работна вечера. На почетокот на декемрви, пак, Зукерберг објави дека неговата компанија ќе донира 1 милион долари за инаугуративниот фонд за новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Но, нивното зближување на застанува тука.
Пред само неколку денови, поранешниот заменик премиер на британската влада и либерал-демократ Сер Ник Клег објави дека заминува од функцијата претседател за глобални односи во Мета, а на негово место дојде неговиот заменик Џо Каплан. Се работи за истакнат американски Републиканец, кој што ги кој ги водеше односите меѓу Мета и Републиканската партија.
Накратко потоа, самиот Зукерберг објави три нови имиња во бордот директори на Мета, и тоа: Дена Вајт (генерален директор на UFC), Џон Елкан (директор на Exor) и Чарли Сонгерст (поранешен директор на Microsoft). Од овие имиња највпечатливо е она на Дена Вајт, кој што важи за исклучително близок соработник и поддржувач на Доналд Трамп.
Конечно, Мета пред два дена го соопшти укинувањето на „проверката на факти“ и повторното овозможување на политички објави на своите платформи. Притоа, самиот Зукерберг ги потенцираше резултатите на последните американските избори како важна причина во носењето на таквите одлуки.
Дали се работи за автентична идеолошка промена кај Зукерберг, или едноставно не сака да биде во лоши односи со новата администрација од деловни причини, можеме само да шпекулираме. Останува да видиме како ќе се развива нивниот однос.