На неодамнешниот состанок со инвеститорите, генералниот извршен директор на Meta, Марк Зукерберг, најави дека компанијата работи на хедсет за виртуелна реалност кој ќе биде пософистициран од Meta Quest 2 и ќе биде наменет исклучиво за работа.
Тој посочи дека овој висококвалитетен хедсет, засега именуван Project Cambria, ќе биде доволно моќен за „евентуално да го замени вашиот лаптоп или поставка за работа“.
Зукерберг додаде дека ергономските карактеристики на новиот уред ќе бидат значително подобрени во однос на неговите претходници, со оглед на тоа што ќе треба да се носи за време на повеќе работни часови.
Тој исто така појасни дека новиот уред ќе има „мешана реалност во фул-колор“ со цел беспрекорно да ги спои виртуелната реалност и физичкиот свет. Мета исто така работи на поефикасен систем за следење на очите и изразите на лицето, со цел тие подобро да можат да се пренесуваат во виртуелниот свет – „без разлика дали играте игра или се состанувате со колеги во Horizon Workrooms“.
Од компанијата посочуваат дека повеќе детали за Project Cambria ќе следат во претстојните месеци. Претходно, Зукерберг ја демонстрираше и можноста за креирање на персонализиран работен простор во метаверзумот, во форма на виртуелна „домашна канцеларија“.