Тврдат дека Јутјуб манипулира со листите на видеа на кои се претплатиле корисниците
Некои од најголемите ѕвезди на Јутјуб ја критикуваат оваа страница заради “експериментирање” со начинот на кој видеата им се доставуваат на нивните следбеници.
Без најава, Јутјуб започна да тестира алгоритам кој го промени редоследот на видео клиповите на листите што ги гледаат корисниците.
Експериментот беше откриен кога корисниците почнаа да се жалат на социјалните мрежи.
Една од ѕвездите на Јутјуб вели дека тоа е најлошата одлука на сајтот во текот на изминатите неколку години. Сепак, Јутјуб не се откажува од експериментот.
На почетокот, листата на видеа кои ги добива најавениот корисник на Јутјуб беше хронолошка листа на снимки од сите канали на кои корисникот “се претплатил”. Системот им овозможувал на луѓето да креираат персонализирана листа на содржини кои ги прикачуваат нивните омилени налози.
Сепак, многу креатори на видеа се жалат дека некои од нивните снимки воопшто не се појавуваат на овие листи, поставувајќи го прашањето дали Јутјуб манипулира со редоследот на листата и на тој начин го продолжува времето на посета на сајтот и ги зголемува приходите од реклами.
Експериментот на Јутјуб, кој веб-страницата тврди дека се појавува само кај “мал број” на корисници, го менува редоследот на прикажување на видеата. Наместо да ги прикажува најновите поставени видеа, Јутјуб тврди дека ги реди по приоритет “што луѓето би сакале да гледаат”.
“Кога ќе се претплатам на некој канал на Јутјуб, тоа значи дека сакам повеќе слични содржини”, вели креаторот на видеа Џери К. “Не очекувам Јутјуб да ме присили да гледам она што мисли дека треба да го видам. Имам речиси 47.000 претплатници, но сѐ уште добивам прашања за тоа дали престанав да ги прикачувам видеата. “
Видео блогерот за модерна технологија Маркес Браунли, кој има повеќе од шест милиони претплатници, вели дека редењето на видеата по приоритет “што тие мислат дека сакаме да го гледаме”, е всушност, “бизнис одлука”. “Постои копче за претплата. Луѓето одлучуваат да се претплатат. Тие сакаат да видат сè од тој корисник. Ако не сакаат – тие ќе ја откажат претплатата”, додава тој.
“Луѓето го користат делот на претплатата токму со цел за да избегнат различни алгоритми на платформата”, вели Шон Меклафлин кој прави снимки за видео игри под корисничко име Jacksepticeye. “Зачувајте ги алгоритмите за насловната страница и страниците со препораки.”
Алфи Деј, моден видео блогер кој има повеќе од пет милиони претплатници, вели дека ова е “најлошата одлука на Јутјуб во последните девет години, колку што се занимава со креирање на видео снимки.”
Јутјуб тврди дека експериментот се појавува само кај “мал број” на корисници. Тие нагласуваат дека “персонализирана” листа е една од опциите и дека немаат планови целосно да ја отстранат хронолошката листа. Сепак, во Јутјуб за Би-Би-Си вели дека луѓето со “персонализирани” листи поминуваат повеќе време гледајќи видеа.
Јутјуб ги промени своите приоритети – од бројот на прегледи, на видео клиповите кои подолго ги задржуваат корисниците. Креаторите на видеа сега се охрабруваат да прават подолги снимки кои ќе ги задржат корисниците на сајтот. Оваа промена објаснува зошто поранешните кратки видеа, како оние од категоријата “направете сами” или “како да направите”, сега се подолги и од 10 минути.
“Тестираме подесување кое ќе им овозможи на корисниците да ги сортираат своите листи според содржината на која најмногу и` се посветуваат”, се вели во соопштението на компанијата. “Ова е само еден од многуте мали експерименти што постојано ги имаме на Јутјуб”.
Еден од авторите предлага Јутјуб да ја подобри својата комуникација во експериментите со алгоритамот. “Само кажете ни или испратете ни e-mail пред да започнете со експериментот”, вели Сет Браун. “Тоа не е толку тешко”.