Приватно научниот институт ИЕГЕ објавува повик за учество во професионална европска едукативна програма за „Стратегиски евент менаџмент и одржливи брендови”.
Единствена од ваков тип, професионалната едукативна програма за ,,Стратегиски евент менаџмент и одржливи брендови” овозможува надоградба на знаењата и професионален развој на маркетинг и евент менаџерите.
Еден од најважните приоритети на програмата е градење на релевантни и висококвалитетни вештини и компетенции на учесниците. Програмата е приспособена за кандидати кои веќе имаат искуство во областа на маркетинг и менаџирањето на настани и сакаат да добијат специјализирано и применливо знаење во ова поле.
Институтот ИЕГЕ доделува 20 (дваесет) целосни стипендии, за заинтересирани кандидати кои ќе имаат можност да учествуваат во интерактивна настава водена од меѓународни тренери со примена на иновативни практики и современи алатки.
Програмата ќе ја имплементираат домашни и меѓународни предавачи со долгогодишно професионално искуство од следниве институции: Приватно научен Институт ИЕГЕ од Македонија; Европски центар за студирање и иницијативи CESIE од Италија, Технички Универзитет Кемниц, департман за маркетинг и евент менаџмент од Германија и ICQ Consulting Ltd од Велика Британија.
Програмата се состои од следните предмети: 1. Strategic Event Management, 2. Event Concept and Design, 3. Event Controlling & Performance, 4. Sustainable Brands, 5. Intelligent Event Leadership, 6. Event Industry Challenges & Trends.
Секој предмет ќе биде реализиран со комбинирано учење, во училница и систем за е-учење.
Програмата ќе се спроведува на англиски јазик, од јануари 2019 до јуни 2019 година.
Критериуми за учество во програмата се:
- Високо образование пожелно во следните области: маркетинг, менаџмент, односи со јавност (ПР) или економија;
- Минимум 2 годишно работно искуство во маркетинг или организирање на настани
- Одлично познавање и говорење на англиски јазик
- Способност за учење и спремност за развивање на своите персонални и деловни способности
- Отворена, комуникативна, креативна и динамична личност
Доколку сакате да бидете дел од едукативната програма DiMenSion, Ве молиме испратете ја вашата кратка биографија и мотивационо писмо во електронска форма на info@iege.edu.mk со назнака Апликација за едукативна програма DiMenSion најдоцна до 15 декември 2018 година.
Програмата е дел од проектот ,,Развивање на маркетинг решенија за одржливи брендови – DiMenSion”, финансирана од европската програма Еразмус +, Соработка за иновација и размена на добри практики, во партнерство со институции од Велика Британија, Германија, Италија и Грција.