Најголемиот фудбалски бренд на денешницата, Манчестер Јунајтед и германскиот производител на спортска опрема Адидас потпишаа историски најскап договор за спонзорство.
Договорот е со времетраење од десет години и тежи 750 милиони фунти или 75 милиони фунти годишна заработка за клубот од „Олд Трафорд“, кој според проценките има најголема светска база на навивачи низ целиот свет (нешто над 340 милиони навивачи).
Спонзорството на германскиот производител на спортска опрема доаѓа десетина дена по информацијата за прекин на соработка на Манчестер и американската фирма „Најк“.
Манчестер Јунајтед изрази задоволство за постигнатата соработка со „Адидас“ и соопшти дека важноста на договорот стапува на сила од сезоната 2015/16.
Англискиот клуб по пауза од 13 години повторно ќе настапува во опремата на „Адидас“.
За споредба, вториот најскап спонзорски договор е оној на Реал Мадрид кои добиваат околу 31 милион фунти годишно од Адидас, речиси двојно помалку од сумата која отсега ќе ја добива Јунајтед.