Во 2019 година, познатиот дизајнер Џони Ајв ја напушти позицијата на главен директор за дизајн во Apple после цели 27 години за да го создаде неговото лично дизајнерско студио LoveForm. И покрај разделбата, славниот индустриски дизајнер остана во консултантска улога да соработува со компанијата, но сега се чини дека дојде крај и на тоа.
Според The New York Times, се чини дека договорот на Ајв со Apple истекол, што целосно го отстранува дизајнерот од каква било вмешаност во работата на технолошкиот гигант. Изворите на весникот посочиле дека одредени директори биле „фрустрирани“ од тоа колку дизајнерот бил платен додека тој наводно го користел талентот на Apple за сопствениот бизнис.
Оваа вест секако претставува клучна промена за компанијата, имајќи предвид дека Ајв беше мозокот зад препознатливите заоблените агли на iPhone и одигра значајна улога во развојот на Apple Watch.
Иако двете страни одбиле да коментираат за ова прашање, се чини дека партнерството навистина е завршено. Во секој случај, имајќи го предвид неговото реноме, Џони Ајв ќе остане зафатен со разни клиенти, вклучувајќи ги Ferrari, Airbnb и неговата непрофитна иницијатива со принцот Чарлс.