Божиќните празници брзо се наближуваат, со само два месеци пред сезоната на празници. Оваа година, за да придонесе кон празничниот дух, технолошкиот гигант Apple ќе лансира анимиран Божиќен филм под наслов “The Boy, the Mole, the Fox and the Horse” („Момчето, кртот, лисицата и коњот“).
Краткиот филм треба да го продуцира Џ. Џ. Абрамс, а гласовите на ликовите ќе ги толкуваат филмските ѕвезди Идрис Елба како лисицата, Том Холандер како кртот, Габриел Бирн како коњот и младиот Џуд Куард Никол како момчето. Анимацијата е базирана на истоимената детска книга на Чарли Мекеси.
Поранешниот директор за дизајн на Apple, Џони Ајв, беше ангажиран како извршен продуцент на проектот. Дизајнерот ја напушти компанијата во 2019 година, по повеќе од две децении на чело на дизајнерскиот тим за некои од најпопуларните технолошки уреди на компанијата. Меѓутоа, тој продолжува да соработува со Apple на поединечни проекти, како во овој случај со анимираниот филм.
Приказната се фокусира на младо момче кое го бара своето место во светот, потпомогнато од шарена екипа на животни со кои формира посебен однос. Во суштина се работи за прераскажување на вековната приказна дека „домот е онаму каде што се наоѓа срцето“, а притоа сé се одвива во зимски амбиент со група преслатки животни.
Питер Бајнтон ќе биде режисер на краткиот филм, а свое учество во продукцијата ќе земат и Кара Спелер и Вуди Харелсон.
Краткиот анимиран Божиќен филм ќе биде лансиран на Apple TV+ на 25 декември, со специјална премиера на BBC за гледачите во Велика Британија.