(ХРВАТСКА) – Акцијата “За насмевка на децата во болница”, во организација на Сојузот на друштва “Наши деца” од Хрватска, Хрватското друштво за превентивна и социјална педијатрија и Педијатриското друштво при Хрватското здружение на медицински сестри, освежена е со нов визуелен идентитет кој го осмисли Ивица Иваци, дизајнер од агенцијата BBDO Zagreb.
Во акцијата “За насмевка на децата во болница” вклучени се 38 болници и детски оддели во Хрватска, а престижниот наслов “Детски болнички оддел – пријател на детето” до крајот на 2015 година го имаа добиено 33 болници и детски оддели. Акцијата е поддржана од Министерството за здравство, донатори, спонзори и граѓани, а кон првата креативна акција се придружи и BBDO Zagreb, најнаградуваната агенција на овогодинешните Денови на комуникациите со освени Grand Prix Effie и Idea X награди и со титулата ‘Агенција на годината.’
Лука Дубоковиќ, извршен директор на BBDO Zagreb, по повод соработката изјави: “Особено ни е драго што можеме со својата креативна работа да го поддржиме Сојузот и неговите партнери во оваа благородна акција. Се надеваме дека новиот визуелен идентитет ќе привлече уште повеќе донатори така што сите ќе можеме да им овозможиме на децата што поубав и поудобен престој во болница, за што повеќе насмевки на нивните лица.”
“Многу сме горди и благодарни што најдобрата хрватска агенција BBDO Zagreb не’ поддржа во оваа акција и ни овозможи нов визуелен идентитет на кампањата. Акцијата “За насмевка на децата во болница” во седумнаесетте години свое траење има доста придонесено за можноста на престој на родителите заедно со болното дете, отварање на игротеки и училишта во болниците, оплеменување и уредување на болничкиот простор и општа хуманизација на болничкото лекување на децата во хрватските болници. Се радуваме и на идните соработки во кои децата се на прво место,” истакна претседателката на Сојузот на друштва “Наши деца” – Хрватска и претседателка на Централниот координациски одбор на Акцијата, проф. д-р Ајда Салихагиќ Кадиќ.