Бизнис Акцелераторот УКИМ ја зајакнува регионалната поврзаност со клучните актери од Балканот и затоа беше домаќин на индустрискиот акцелератор Колектор Дигитал од Словенија. На настанот учествуваа стартапи поддржани од Бизнис Акцелераторот УКИМ и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и компании кои со поддршката од ФИТР креираат иновативни производи и услуги наменети за глобалниот пазар.
Во Центарот за трансфер на иновации и технологии – ИНОФЕИТ, Матеја Лаврич и Станислава Вабшек, преку презентација на услугите на Колектор Дигитал, се запознаа со клучните чинители од еко-системот за иновации и стартапи и се идентификуваат можностите за соработка во иднина.
Глобалната партнерска мрежа на Бизнис Акцелераторот УКИМ на своите корисници им овозможува пристап до услуги, полесен пристап до пазарот и последователните инвестиции. На овој начин, иноваторите и стартапите од Македонија полесно ќе можат да го валидираат својот производ или услуга за да се овозможи брз пласман на глобалниот пазар.
Бизнис Акцелераторот УКИМ располага со фонд за инвестиции во иновативни стартапи во вкупен износ од 530.000 евра, со максимална инвестиција по стартап во износ од 133.000 евра.
“Клучна активност на Бизнис Акцелераторот УКИМ е на македонските иноватори и стартапи да им овозможи пристап до глобалното знаење, пазар и последователни инвестиции. И со засилена меѓународна соработка се надеваме дека ќе ги оствариме планираните резултати”, истакна Александар Стамболиев, извршен директор на Бизнис Акцелараторот.
В ерата на дигиталната индустриска револуција, Колектор Дигитал веќе се етаблира како еден од водечките глобални даватели на решенија за паметни фабрики за иднината.
“Колектор Дигитал го препозна потенцијалот на талентите и инфраструктурата за креирање и надградба на знаењето во Македонија и преку оваа посета сакаме да ги идентификуваме можностите за соработка и инвестиции во македонските технолошки решенија, кои може да применат во Колектор и во останатите слични индустриски капацитети глобално”, истакна Матеја Лаврич, извршен директор на Колектор Дигитал од Словенија.