Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АААМУ), на 15-тата седница на Советот на АААМУ одржана на 28.10.2014г. го усвои Нацрт – Упатството за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија
Агенцијата ги повикува сите заинтересирани страни во рок од 30 (триесет) дена, односно најдоцна до 27 ноември 2014 година, да достават забелешки по наведените документи, на следната е-адреса: contact@avmu.mk или на поштенската адреса на Агенцијата: бул. „ВМРО“ бр. 3, 1000 Скопје.
Нацарт-упатството можете да го симнете од следниов ЛИНК.
******
Во продолжение можете да ги прочитате дискусиите на членовите на Советот во однос на Предлогот за донесување на Нацрт-Упатство за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, од официјалниот записник на седницата.
Присутни членови на Советот на Агенцијата: Лазо Петрушевски, Претседател на Советот на АААВМУ, д-р Милаим Фетаи, Заменик на претседателот на Советот на АААВМУ, м-р Алма Машовиќ, м-р Методија Јанчески, Лазар Трајчев, Селвер Ајдини и Зоран Фиданоски.
На седницата присуствуваше д-р Зоран Трајчевски, Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Други присутни: Маја Јовановска од ТВ Канал 5, Сања Јовановиќ од ТВ Телма, Сања Васиќ од ТВ Телма, Елена Бошковска Крстевска ТВ Алфа, Владимир Медарски од ЦРМ.
Седницата започна во 13 часот и се одржа во просториите на Агенцијата.
–
Г-дин Петрушевски во однос на Нацрт-Упатството за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, објасни дека е изработено врз основа на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги каде што Агенцијата има обврска да го дефинира начинот на мерење на гледаноста на програмите на радиодифузерите. Во таа насока го повика Директорот на Агенцијата да го објасни предлогот.
Г-дин Трајчевски објасни, дека согласно член 6 точка 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата го пропишува начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно на програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија. Досега, рече, во Република Македонија една истражувачка агенција го врши мерењето на гледаноста на телевизиите во Република Македонија, агенцијата Nielsen Audience Measurement, но само на националните телевизии, додека слушаноста на радијата, како и гледаноста на телевизиите на регионално и локално ниво, не е предмет на работа на оваа истражувачка агенција. Објасни дека во изминатиот период Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги односно поранешниот Совет за радиодифузија, во изработката на анализите на пазарот користеше податоци од агенцијата Nielsen Audience Measurement.
Меѓутоа при извршени консултации со таа истражувачка агенција, за тоа на каков начин доаѓа до податоците што на Агенцијата „ги продаваше“, односно АААВМУ ги купувала на јавен повик, од нивна страна немало никакво објаснување, туку владеел принципот дека ние мора да ги прифатиме податоците и дека се тоа резултатите кои што ја одразуваат состојбата на гледаноста на телевизиските канали во Република Македонија. Заради таквата состојба, рече, членовите на Советот што беа и членови на составот во Советот за радиодифузија, од оваа година го раскинале договорот со Агенцијата Nielsen Audience Measurement и Агенцијата оваа година не ги користи податоците за гледаноста на телевизиските сервиси во Република Македонија. Г-дин Трајчевски објасни дека во текот на оваа година долг период се обидувал да стапи во контакт со оваа агенција за да се одредат критериумите врз основа на кои што тие го вршат мерењето на гледаноста на телевизиските сервиси во Република Македонија. Официјалното барање било поднесено до нив за да се оствари средба, на која што биле поставени поголем број прашања кои што се од битно значење за да се утврди веродостојната на податоците кои што тие ги нудат на пазарот. За жал, рече, дури по два месеци од нивна страна добиле одговор и после три месеци се остварила средбата. Во таа насока информира дека на таа средба едноставно не сакале да одговорат ништо, кажале дека сите податоци што ги нудат се нивна деловна тајна и дека ние едноставно можеме да ги прифатиме или да не ги прифатиме тие податоци како вистинити. Прашањата кои што ги побарал не се однесувале на нивното деловно работење, туку, ако е панелот 400 домаќинства, дали тие имаат увезено 400 пипл метри? Но, објасни, дека Nielsen Audience Measurement одговориле дека тоа е деловна тајна. Каква е етничката структура на семејствата што ја даваат гледаноста и тоа е деловна тајна. Значи според нив сé било деловна тајна. И едноставно АААВМУ тоа треба да го прифати како непобитен факт. Исто така, објасни дека имал и повеќе состаноци со националните телевизии и кај нив исто се појавило незадоволство од начинот на мерење на гледаноста и од некои чудни резултати во мерењето на гледаноста на телевизиите. Тој проблем, рече, се провлекува подолго време наназад иако се види светското искуство, постојат неколку модели на истражување на релевантно утврдување на гледноста на телевизиските канали на телевизиските програмски сервиси. Едниот е моделот, како што тоа го прави Република Македонија, компанија да врши мерење на гледаноста, вториот модел е да формираат телевизиите сопствено тело, кое што ќе ангажира агенција која ќе врши мерење на гледаноста во нивно име и уште поширок начин е, да освен телевизиите и огласувачките агенции, и огласувачите формираат комитет кој исто така ќе избере агенција за мерење на гледаноста. Со оглед на фактот што на нас ни е дадена согласно Законот како агенција, надлежноста да се пропише начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на телевизиските и на радио станиците во Република Македонија, согласно Законот и согласно Деловникот, предвидено е тоа да биде упатство. Во своето понатамошно излагање, рече дека во кратки црти сака да ги објасни најважните детали, и доколку има прашања подготвен е да одговори. Ова е, рече, прв ваков документ што се изработува во Република Македонија и се надева дека на јавната расправа ќе се добијат квалитетни предлози и од радиодифузерите и од огласувачите и од маркетинг агенциите. Идејата е да се формира со одлука на Советот, иницијативен одбор во кој што ќе членуваат освен претставници на Агенцијата, и претставници на националните терестријални телевизии и претставници од јавниот сервис. Иницијативниот одбор треба да ги подготви нацрт актите за работа на комитетот, начинот на работа, состав и сé друго што би произлегло. Потоа ќе се формира комитет, во кој што ќе бидат повторно претставници на Агенцијата, на националните терестријални телевизии и на јавниот сервис, а додека претставниците на огласувачите и на маркетинг агенциите, предлог е да бидат во оваа ситуација посматрачи, но не значи дека во текот на јавната расправа не може да се промени, бидејќи ова е сега само нацрт верзија.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно овој комитет, ќе ги утврди најважните работи, а тоа е методологијата за мерење на публиката, која што треба да ги содржи најмалку следните податоци: технички карактеристики на средствата со кои што ќе се спроведува мерењето, техниката на мерење што ќе се применува, големината на панелот, број на домаќинства, број на пипл метри и број на испитаници,процент на домаќинства кој секоја година треба да се менуваат во панелот, најдолг период колку едно домаќинство може да остане во панелот, податоци за испитување врз основа на кои ќе се определи панелот, на колкав примерок треба да се спроведе и колку пати во текот на годината. Потоа, на утврдување на минимални технички стандарди кон кои мора да се придржува истражувачката агенција која што ќе го спроведува мерењето на гледаноста на програмите, стандарди за обезбедување на квалитет, стандарди за обезбедување транспарентност, што е многу значајно. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да има софтверски пристап до системот на мерење на гледаноста на Агенцијата која што ќе биде избрана. Значи најважниот елемент е транспарентноста, за да може, не само истражувачката агенција туку и АААВМУ и маркетинг агенциите и огласувачите и телевизиите, да влегуваат во податоците кои што ќе бидат резултат на ова мерење. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да спроведе истражување за тоа колкав треба да биде панелот, колкав процент треба да бидат мажи, а колкав процент жени, колкав процент да бидат образовани, необразовани, високообразовани, од рурални средини од градски средини, етничка структура итн. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да распише јавен повик во домашни и во меѓународни весници, во кој што ќе ги повика компаниите во светот да конкурираат за истражувачка агенција која ќе врши мерење на гледаноста на телевизиските програмски сервиси. Неколку критериуми се дадени за избор на таа агенција, значи квалитетот на софтверското решение, квалитетот на кадровското решение, цената и одлуката за избор ја носи комитетот, составен од преставници од националните терестријални телевизии, јавниот сервис и Агенцијата, а на крај ја потврдува Директорот на Агенцијата. Објасни дека ќе се склучи пет годишен договор со избраната истражувачка агенција, и не претставува никаков финансиски трошок за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, туку со секој од корисниците на податоците,телевизии, радија, огласувачи, маркетинг агенции, ќе се склучат посебни комерцијални договори според тоа какви податоци им се потребни, и тие комерцијални договори претставуваат анекс на договорот, кој што го потпишува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со агенцијата која ќе биде избрана за мерење на гледаноста. Г-дин Трајчевски објасни дека единствена дилема што се јавува кај него во однос на овој правилник е тоа што во Законот пишува мерење на гледаност и слушаност, додека во нацрт-правилникот е ставено мерење на гледаноста на канали на национално ниво, бидејќи според него мерењето на гледаноста на ваков начин, со пипл метри на локалните телевизии, на регионалните телевизии и радијата, многу би ја зголемило цената и смета дека економски не би било исплатливо, но рече, тоа ќе се види по јавната расправа. Според него би требало да се додадат уште еден или два члена во овој документ, да мерењето на гледаноста на локалните и регионалните телевизии, се врши со друго истражување врз база на одреден број испитаници, како што тоа се правело до лани за досегот на слушаноста на радиостаниците. Исто таков член да се однесува и за досегот на слушаноста на радиостаниците, но не да се врши со пипл метри, туку со истражување кое би го правела некоја агенција на соодветен панел, односно на соодветен примерок, бидејќи ако се оди на ваков модел, цената би била економски неисплатлива и според него не би довело до избор на агенција која ќе врши мерење на гледаноста.
На крајот од излагањето, г-дин Трајчевски, објасни, дека Агенцијата која врши во моментов мерење на гледаноста Nielsen Audience Measurement, ќе има подеднакво право да конкурира на овој јавен повик, затао што поентата и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на националните телевизии и на огласувачите, е дека е потребна транспарентност во работењето и да веруваат во податоците кои што ги продуцира агенцијата која што врши мерење на гледаноста. Доколку на таков начин под тие услови, на овој јавен повик конкурира и Nielsen Audience Measurement, Агенцијата нема да има ништо против тоа да биде истата таа агенција.
Единственото незадоволство кое што сега се јавува е од нетранспарентниот начин на работење, а тоа доведува да се јави сомнеж кај корисниците на нивните податоци, дека не се тие податоци што ги нудат веродостојни.
Г-дин Фиданоски, постави прашање, дали Нацрт-Упатството за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, ќе биде ставено на јавна расправа?
Г-дин Петрушевски потврдно одговори.
Г-дин Фиданоски, рече, на начинот на кој е конципирано ова нацрт-упатство, кога ќе стапи во сила, во неговата конечна фаза, ќе обезбеди еден посеопфатен начин на мерење на гледаноста, рејтинг на телевизиите, нешто што е буквата А, фигуративно речено, во телевизиските медиуми. Во модерниот свет, со години наназад тоа е правило број 1 во функционирањето. Објасни дека рејтингот се мери во промили буквално, секојдневно, секоја минута од програмската шема и врз база на добиените резултати, честопати телевизиите во „од“ ја менуваат таа програмска шема, или ги менуваат лицата што се појавуваат на екранот, ćе во функција да добијат поголем рејтинг, поголема гледаност. Понекогаш рече, даваат бонуси, некогаш казни за тие што не ја оправдале довербата според нивните критериуми, ćе со цел тој телевизиски канал да биде поприфатен. Појасни дека г-дин Трајчевски се задржал посебно на точката 7 од нацрт-упатството, и смета дека таа е клучна. Во врска со точката 7 од нацрт-упатството, сака да верува дека идниот Комитет што ќе биде формиран ќе направи еден вистински репрезентативен примерок на домаќинствата и на гледачите по примерот на она што го прават оние што се занимаваат со истражување на јавното мислење, репрезентативен примерок во етничка, полова, социјална, образовна и географска смисла. Во однос на домаќинствата каде ќе се постават пипл метрите, кои ќе се менуваат во одреден период, според него многу е значајна нивната анонимност во смисла да не им се случува емисари од така наречените „големи играчи“ во телевизискиот медиумски пазар, да ги посетат дома и со пригодни подароци „да ги убедат“ што подолго да го чуваат вклучен нивниот телевизиски канал. Според него точката 7 е клучна ако се реализира на прав начин и тогаш може да се очекува дека ќе има исход како што ни треба, а тоа е веродостојни резултати, а во спротивност сомнежот што евентуално би се јавил на стартот би го следел според него целиот проект, во текот на целиот негов тек. Потенцира дека можеби би било добро освен гледаноста која е примарна во овој случај, агенцијата што ќе ја добие довербата, да ги спроведува тие истражувања, одвреме навреме по примерот како што кажал Директорот на Агенцијата, г-дин Трајчевски за мерењето на гледаноста на регионалните и локалните телевизии, е добро да спроведува истражување на степенот на доверба во телевизиите, колку гледачите, во која телевизија, имаат доверба. Смета дека и тој податок, кој Агенцијата досега го има добивано преку различни форми на истражувања, ќе биде доста значаен и релевантен и за оние што се вклучени директно во медиумскиот телевизиски бизнис, како телевизиите и маркетинг агенциите, коишто исто така го заработуваат лебот од таму, преку поделба на маркетиншкиот колач.Објасни дека така ќе има една посеопфатна слика кои телевизии се најгледани и кому гледачите му веруваат најмногу кога се продуцираат односно презентираат некакви информации.
Г-дин Трајчевски одговори дека мерењето на довербата, колкава доверба имаат гледачите за телевизиските програмски сервиси и понатаму останува да го прави АААВМУ, која го прави секоја година и истото ќе продолжи да го прави и во иднина. Што се однесува до репрезентативниот примерок, појасни дека тоа претставува прв чекор во повеќе основи, образование, пол, средина каде се живее рурална или градска, по етничка основа и т.н., и ќе го изврши АААВМУ како што е наведено во точка 12, односно изборот на истражувачката агенција согласно законот за јавните набавки, ќе го врши новоформираниот Комитет, јавно и транспарентно и нема да зависи од волјата на ниту една телевизија во Република Македонија.
Г-дин Фиданоски појасни дека не сака да има сомнеж за тоа дека истражувачката Агенција ќе биде избрана на вистински начин, но го потенцирал тој момент дека е значаен, и се согласи дека тоа претставува основен предуслов за да овој проект биде успешен. Во минатото, рече, имало муабети дека кога почнале да се поставуваат пипл метрите, иако за ова немало официјална потврда, и таа така наречена анонимност на домаќинствата каде ќе бидат поставени, домаќинствата добивале подароци во вид на телевизиски апарати и др. ćе со цел каналот на телевизијата да биде вклучен подолго. Во таа нсока додаде дека тоа е основен предуслов за овој проект да биде успешен и затоа тоа го потенцирал во неговата дискусија.
Г-дин Фетаи рече дека ја поздравува иницијативата во поглед на избор на истражувачка агенција, која претставува сериозна и одговорна работа. Смета дека ова треба да биде една од битните елементи на Агенција, во смисла дека на таа истражувачка екипа, односно таа фирма која ќе биде избрана не само да и се дадат задачи околу гледаноста, туку и околу довербата, начинот на анимирање на публиката околу гледаноста и сл. Не навлегувајќи во деталите, во смисла да не се бараат негативни елементи колку може да се манипулира со пипл метрите, затоа рече тука постои Комитет кој ќе го разгледа тоа, и ќе се анализира чекор по чекор. Во однос на Нацрт-Упатството за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, имаше забелешка во точката 13 која гласеше „Изборот на истражувачката агенција која ќе ги спроведува мерењата на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите од Република Македонија, го врши Комитетот а го одобрува Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“. Г-дин Фетаи сметаше дека е посоодветно со предлог на Директорот на Агенцијата, да го одобрува Советот на Агенцијата бидејќи тие колективно ќе анализираат и ќе ги имаат на увид истражувачките агенции кои се пријавени.
Г-дин Петрушевски рече дека Нацрт-Упатството за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, ќе се постави на веб страната на Агенцијата и ќе оди на јавна расправа во траење од најмалку 30 дена, каде ќе можат телевизиите и јавноста да дадат свои предлози за текстот што е предложен. Во таа насока ја повика јавноста да се вклучи активно во давање предлози. Во врска со предлогот на г-дин Фетаи за измена на дел од точката 13, рече дека ќе влезе во записникот а службите ќе го имаат во предвид во изработката на предлог-упатството.
Советот на Агенцијата го усвои Предлогот на Директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски, бр.01-5148/1 од 24.10.2014 година за донесување на Нацрт-Упатство за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија.
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги едногласно донесе Нацрт-Упатство за начинот на мерење на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма од Република Македонија, со текст како што беше предложен, а Агенцијата да постапи во согласност со член 10 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/13, 13/14, 44/14, 101/14 и 132/14) и член 47 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бр.01-4351/1 од 29.08.2014 година.
Советот на Агенцијата го задолжи Секторот за европска и меѓународна соработка и односи со јавноста, горенаведеното Нацрт – Упатство да го објави на веб страната на Агенцијата, со цел да се овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења.