Американскиот издавач на стрипови DC Comics, познат по своите ликови Бетмен, Супермен, Вондер Вуман, Флеш и други, поднесе приговор против шпанскиот фудбалски клуб Валенсија поради новото лого на клубот.
Имено, по повод 100-годишнината од основањето, фудбалскиот клуб Валенсија претстави нов амблем кој прикажува лилјак со отворени крилја во златно-црна боја. Лилјакот е присутен во хералдиката на источношпанскиот град Валенсија уште од времето на средниот век, а бил дел и од сите досегашни грбови на фудбалскиот клуб.
„Клубот ја зацврстува својата врска со лилјакот, кој е еден од најпрепознатливите симболи на градот. Тоа е иновативен дизјан кој гледа во иднината,“ истакнаа од ФК Валенсија при претставувањето на јубилејниот амблем.
Од DC Comics сметаат дека новата верзија на лилјакот на ФК Валенсија е премногу слична со симболот на својот стрип-јунак Бетмен и поради тоа поднесе приговор до Агенцијата за интелектуална сопственост на Европската Унија.
По поднесениот приговор, адвокатската канцеларија која ја застапува ФК Валенсија, Garrigues, за Associated Press соопшти дека двете страни побарале продолжување на периодот за преговори за постигнување меѓусебен договор. Преговорите може да траат до 30 октомври 2020 година. Доколку двете страни не постигнат договор, одлуката ќе биде донесена од страна на Агенцијата за интелектуална сопственост.
Меѓутоа, оваа не е прв пат како DC Comics и фудбалскиот клуб Валенсија се во судир поради лилјакот. Во 2012 година, клубот искористи преработена верзија на симболот во продажбата на спортска опрема, но и тогаш доби приговор од DC Comics и го повлече дизајнот.