Документарните канали на „Дискавери“ и спортските канали „Еуроспорт“ се исклучени од понудата на провајдерите „Оне-Вип“ и „Македонски Телеком“ по одлука на самите првајдери, велат од агенцијата „Креативне идеје“, што ја застапува корпорацијата „Дискавери комјуникејшенс“, сопственик на исклучените канали.
„И покрај нашата отвореност и добра волја за преговори, изненадени сме и воедно разочарани од фактот што, двата оператори симултано ја донеле одлуката да ја прекинат нашата долготрајна соработка и воедно да ги лишат гледачите со драстичен и ограничен пристап, со остранување на глобално најгледаниот број еден спортски канал“, се вели во соопштението од агенцијата.
„Креативне идеје“ ги поттикнува клиентите да комуницираат со операторите и да изнесуваат барања за враќање на телевизиските канали во понудата. Од таму исто така соопштуваат дека продолжува долгогодишната соработка со „Телекабел“ и останатите регионални оператори во Македонија кои и понатаму ги пренесуваат каналите.
Агенцијата посочува дека „Еуроспорт“ може да се следи на Интернет.
Дел од македонките медиуми деновиве пренесоа и вест од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во која се вели дека ваквото исклучувања на канали од страна на провајдерите им овозможува на корисниците да го прекинат договорот без плаќање на пенали. Одредбите за ова се утврдени во Правилникот за видот и содржина на податоци и информации на АЕК.