(19.08.2020) – Вкупното богатство на дванаесетмината најбогати американци надминало 1 трилион долари, известува Бизнис Инсајдер, цитирајќи истражување на Институтот за политички студии. Од почетокот на пандемијата, нивното богатство се пораснало за дури 283 милијарди долари.
За разлика од нив, богатството на просечното американско семејство забележало пад од 5.6% за време на првиот квартал од годината, што претставува најголем пад во последните седумдесетина година.
Најголем профит за време на пандемијата остварил Илон Маск, генералниот директор на Tesla и SpaceX, чие богатство се зголемило дури трикратно – од 24.6 милијарди долари на 73.1 милијарди долари.
Листата на дванаесетте најбогати американци ја сочинуваат: Џеф Безос, генерален директор на Амазон (189.4 милијарди долари); Бил Гејтс, основач на Мајкрософт (114 милијарди долари); Марк Зукерберг, генерален директор на Фејсбук (95.5 милијарди долари); Ворен Бафет, генерален директор на Беркшир Хатавеј (80 милијарди долари); Илон Маск, генерален директор на Тесла и Спејс Екс (73 милијарди долари); Стив Балмер, поранешен генерален директор на Мајкрософт (71 милијарди долари); Лери Елисон, извршен претседател на Оракл (70.9 милијарди долари); Лери Пејџ, со-основач на Гугл (67.4 милијарди долари); Сергеј Брин, со-основач на Гугл (65.6 милијарди долари); Алис Валтон, со-соптвеничка на Волмарт (62.5 милијарди долари); Џим Валтон, со-сопственик на Волмарт (62.3 милијарди долари); и Роб Валтон, со-сопственик и поранешен претседател на Волмарт (62 милијарди долари). Од нив осуммина се дел од технолошката индустрија.