Home » Extra 5 » ЕУ ја одобри реформата за авторските права на интернет

ЕУ ја одобри реформата за авторските права на интернет

Технолошките платформи и интернет активисти го подигнаа гласот против одлуката на Европскиот парламент за реформите во регулативата за заштита на авторските права, кои на авторите на видео содржини, музички нумери, производители на вести и сопственици на други права ќе им овозможат да бараат компензација за објавување на нивната содржина онлајн.

“Европските пратеници и покрај огромното негодување на јавноста, поддржаа  “филтрирање” на интернетот во корист на големите компании од музичката и издавачката индустрија”, тврди Сијада Ел Рамли, генерален директор на Европската асоцијација на интернет платформи, во која членуваат и компаниите како што се Фејсбук и Гугл .

Таквите тврдења, за наводно филтрирање на интернетот, противниците на промени ги пренесуваа и пред одлуката на Европскиот парламент, а интернет активистката и член на Европскиот парламент, Јулија Реда вчера изјави дека одлуката “е удар за слободниот и отворен интернет” и дека Европскиот парламент го става “профитот на корпорациите пред слободата на говорот”, пренесува њујоршката агенција Блумберг.

Од друга страна, поддржувачите на овие реформи се задоволни од одлуката на Европскиот парламент, вклучувајќи го и претседателот на Европската асоцијалција на авторски групи (GESAC), Андерс Ласен кој вели дека “овој ден е победа за Европа и за нејзината независност од неколкуте технолошки гиганти кои профитиреле од застарениот закон”.

Најновите прописи, како што вели тој, конечно ќе обезбедат “алатки кои ќе обезбедат фер надомест за авторите”.

Одлуката на Европскиот парламент следи по неколкумесечни жестоки кампањи и агресивно лобирање, но и “борба” помеѓу издавачите и технолошките компании, како и меѓусебните обвинувања.

Со оваа реформа, Европскиот парламент го затвори поглавјето на интензивната битка на лобирање која интернет гигантите и нивните поддржувачи ја водеа против новинските агенции и медиски групи, како и музичката и филмската индустрија, кои ги иницираа овие промени .

Предлог реформите сега одат во понатамошна постапка, а конечното гласање е закажано за јануари 2019 година, по што земјите-членки на ЕУ ќе одлучат како да ги внесат овие промени во нивните национални законодавства.

Иницијативата за измени на законот за авторски права, кој во Брисел, популарно се нарекува иницијатива против GAFA, затоа што се однесува на четирите глобални интернет платформи, Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон – ја потпишаа и директорите на 18 европски новински агенции, со цел интернет гигантите да се обврзат дел од приходите да им плаќаат на новинските агенции, чија содржина сега ја користат бесплатно.

Во согласност со измените на законот, тие ќе мора да делат дел од приходите со авторите на содржини.

Европскиот парламент, да се потсетиме, во јули го отфрли предлогот за измена на овој закон и го врати на повторно разгледување, иако тој претходно доби поддршка од надлежната парламентарна комисија.

Еден од деловите на предлогот за измена на законот, за кој најмногу се “кршеле копјата“ се однесува на член 11, според кој интернет компаниите треба да плаќаат т.н. “данок на линкови”, што значи дека ќе мора да им плаќаат на сите агенции, весници и списанија објавување на нивните наслови, фотографии и текстови на нивните сајтови.

Друга “оспорувана” точка е членот 13 кој предвидува обврска за технолошките платформи да ја “филтрираат” содржината која ја поставуваат луѓето на нив и да проверат дали постои повреда на авторските права.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365