Во Германија наскоро треба да биде усвоена радикална забрана за рекламирање цигари и други производи од тутун.
По долгогодишна дебата, Демохристијанската партија во Бундестагот се согласи на сеопфатна забрана за рекламирање на тутунски производи.
„И тоа ќе успееме“, рече канцеларката Ангела Меркел по договорот, парафразирајќи ја нејзината спорна изјава за време на бегалската криза. Канцеларката беше изненадена од јасната поддршка на забраната за рекламирање цигари, пишува Дојче Веле, истакнувајќи дека досега немаше доволно политичка волја во конзервативните редови за тој концепт.
Во минатиот состав на Бундестагот, претставничкиот клуб на Демохристијаните спречи усвојување на построг закон, кој претходно го донесе федералната влада на Ангела Меркел.
Поради тоа на тутунската индустрија во Германија сè уште и беше дозволено да рекламира производи во кино-сали, билборди и пешачки зони, а Германија е последната земја во ЕУ во која е тоа дозволено.
Промената на курсот може да се објасни со неколку аргументи: од една страна се приходите од данокот на тутунските производи од 14 милијарди евра, а од друга, трошоците (на пр. здравствените) предизвикани од пушењето – 78 милијарди евра годишно. Во овај случај губи државата, а освен тоа треба да се земе предвид фактот дека луѓето со карцином и умираат.
Нагласено е дека конзумирањето на тутун е еден од најголемите здравствени ризици и според податоците на германскиот центар за истражување на рак, од последици од пушење цигари умираат 121.000 луѓе на годишно ниво.
„Плановите се одвиваат во вистинската насока. Крајно време е, ние сме последната земја на ЕУ што дозволуваме реклами на јавни места и кина“, вели Рајнер Ханевинкел, директор на Институтот за истражување на терапија и здравје Кил, за Дојче веле.
Тој е незадоволен и од роковите – крајот на „рекламирањето на тутунските производи е предвиден за 2024 година – дури за четири години“
Плакати со реклами за класични производи од тутун би требало да бидат забранети од почетокот на 2022 година, производите што загреваат тутун од почетокот на 2023 година, а електронските цигари од почетокот на 2024 година. Од 1 јануари 2021 година, ќе биде забрането прикажување на реклами пред филмови наменети кон малолетни лица, а радио и ТВ рекламите се одамна забранети во Германија.
извор: www.dw.com