Во неочекуван пресврт на настаните, технолошкиот гигант Google соопшти дека сепак нема да ги укинува „колачињата“ на нивниот интернет прелистувач Chrome.
Таканаречените „колачиња“ се датотеки кои се сместуваат во компјутерот т.е. уредот при прегледувањето на некоја веб-страница. Покрај тоа што го олеснуваат повторното вчитување на веб-страниците, тие истовремено им овозможуваат на огласувачите да го следат однесувањето на потрошувачите на интернет и со тоа да им пласираат соодветни таргетирани реклами.
Меѓутоа, поради сè поголемата грижа на корисниците и рагулаторите за заштита на личните податоци на корисниците, Google најави план за укинување на „колачињата“ уште во 2020 година. Оттогаш, компанијата не успеа да пронајде соодветна алтернатива која од една страна ќе ги задоволи регулаторите, а од друга страна и огласувачите.
Поради тоа, компанијата беше приморана да го одложи укинувањето на „колачињата“ кое требаше да се случи во 2022, па потоа во 2023 и на крај во 2024 година. Во јануари оваа година, компанијата реши конечно да престане да следи 1% од „колачињата“ кај глобалните корисници на прелистувачот Chrome. Но, следуваа низа забелешки од страна на повеќе регулаторни тела, пред сè во Обединетото Кралство. Како резултат, следуваше уште едно одложување до 2025 година.
Сепак, на крајот, се чини дека Google повеќе не може да се справи со овој проблем и соопшти дека „колачињата“ нема да се укинуваат во блиска иднина. За да ја подобри приватноста на корисниците и истовремено да ја зачува ефективноста на огласувањето, Google сега претстави ново решение: еднократно известување кое ќе им овозможи на корисниците да постават преференци што ќе се применуваат при користењето на прелистувачот Chrome.
„Предлагаме ажуриран пристап кој го унапредува изборот на корисниците. Наместо да ги отфрлиме „колачињата“ од трети страни, ќе воведеме ново искуство во Chrome што им овозможува на луѓето да направат информиран избор кој ќе се применува во текот на нивното прелистување на интернет мрежата и тие ќе можат да го приспособат тој избор во секое време“ – напиша Ентони Чавез, потпретседател на Privacy Sandbox во Google.
Чавез додаде дека компанијата ќе продолжи да соработува со регулаторите, издавачите и групите за унапредување на приватноста во развојот на новиот пристап, но и дека ќе продолжи да инвестира во програмата Privacy Sandbox.