Водечкиот шведски бренд во областа на иновативната нега на убавина Foreo изгуби 10,76 милиони долари на Црн петок во рок од два часа
Поточно, Foreo претрпе огромна загуба како резултат на погрешните цени во системот за онлајн продажба, со попуст од 96 проценти на редовната цена на иновативниот гаџет UFO smart masking.
Компанијата објави соопштение во кое потврдува дека ќе ги реализира сите купувања направени преку онлајн продажбата на Црн петок, кога поради грешки во системот, купувачите биле во можност да набават иновативен гаџет UFO smart masking device за само 9,99 долари, наместо по редовна цена на 279 долари.
Целокупната штета од пропустот покажа дека биле купени вкупно 38.575 уреди по цена од 9,99 долари, што ја чинело компанијата повеќе од 10 милиони долари изгубени приходи во временска рамка од само два часа.
Се смета дека грешката, која се одразила на целата глобална страница foreo.com, се случила околу 21.30 часот по средноевропско време во петокот на 29 ноември, кога невообичаено интензивниот сообраќај на страницата за прв пат предизвикал пад на веб-страницата.
Под претпоставка дека се работи за очекувано “лудило“ за време на Црниот петок, техничарите го поправиле дефектот, но не забележале грешка во наведената цена на UFO-уредот, оставајќи ја оваа опција сè уште отворена за онлајн купување.
Грешката ја забележале техничарите во ноќната смена кога околу 23:00 часот се случил втор пад на страницата, а кога бројот на корисници на страницата достигнал невидени размери, бидејќи во рок од еден час и 20 минути, онлајн продажбата на уредите достигна ниво од 20 парчиња во секунди низ целиот свет, се наведува во соопштението.