Јужнокорејската комисија за правична трговија соопшти дека го казнила Google со 207 милијарди корејски вони (еднакво на скоро 177 милиони американски долари). Притоа, беше појаснето дека таа сума може и дополнително да порасне.
Причината за казната се наводни монополски практики кои Гугл ги преземал за блокирање на изменети верзии на својот оперативен систем Android.
Имено, Гугл ги обврзувал корејските производители на паметни уреди како Samsung и LG да потпишуваат договори дека не смеат да користат модификувани верзии на Android. Со тоа, Гугл ја задржувал својата неприкосновена доминантна позиција на пазарот во форма на монопол.
По одлуката на комисијата, Гугл повеќе нема да смее да ги приморува производителите на уреди да потпишуваат вакви договори.
Од Гугл соопштија дека ќе се жалат на одлуката, сметајќи дека комисијата го игнорирала фактот што „програмата за компатибилност со Android“ им донела толку многу успех на корејските производители на технологија.
На истиот ден кога беше соопштена одлуката, во Јужна Кореја стапи на сила и нов Закон за деловно работење во телекомуникациите, кој ги ограничува операторите на онлајн продавници за мобилни апликации, вклучително и Гугл, да ги приморуваат производителите на софтвер да го користат исклучиво внатрешниот систем за плаќање, со што тие оператори земаат процент од трансакциите.
Вчера пишувавме за слична одлука против внатрешниот систем за плаќање на Apple донесена од американски суд.