Уште во март минатата година беше соопштена намерата на јапонските гиганти Honda и Sony за основање на заедничка компанија која ќе се натпреварува на новиот светски пазар за електрични автомобили. Сега, на светската технолошка конференција CES 2023 беше претставена визијата за нивната нова компанија која ќе го носи името Afeela.
Afeela има намера да се позиционира на растечкиот пазар за електрични автомобили како нов субјект кој на високо ниво ги спојува перформансите и забавата.
На настанот јавно беше претставен и првиот модел на Afeela, кој претставѕва елегантен сив седан со средна големина со заоблени агли и црн покрив. Иако, гледано однадвор, автомобилот нема некој пионерски дизајн, неговиот најзначаен аспект кој треба да ги привлече потрошувачите е внатрешната „возачка кабина“.
Возилото потенцијално ќе биде опремено со софтвер директно од технолошката компанија Qualcomm, вклучително и познатиот кориснички интерфејс Snapdragon. Тие веројатно ќе овозможат асистирано возење и други сервиси за забава во автомобилот.
Новиот автомобил на Afeela ќе доаѓа со 45 камери и сензори и ќе ја користи девелоперската алатка Unreal Engine 3D на Epic Games. За жал, нема повеќе информации за тоа како точно ќе се користи дизајнерската алатка во автомобилската индустрија. Во секој случај, со нејзиното вклучување, се чини дека производителот се стреми кон сеопфатно и имерсивно корисничко искуство во возачката кабина.
Со оглед на тоа што сè повеќе производители на автомобили гледаат „навнатре“ кога станува збор за специфичната продажна точка на нивните возила, улогата на Sony во создавањето на Afeela може да му помогне на брендот да се издвои од другите гиганти за електрични автомобили, како што е Tesla, кои што исто така се фокусираат на создавање најсовремени „инфо-забавни“ кориснички системи.
Според плановите на Honda и Sony, првиот модел на Afeela треба да се појави во продажба некогаш во 2026 година, и тоа почнувајќи со пазарите на Северна Америка и Јапонија.