Следејќи ги стапките на конкурентите Prada и Fendi, луксузниот моден бренд Hugo Boss наскоро ќе влезе во пазарот за домашни миленици, создавајќи облека и аксесоари за најмодерните крзнени пријатели.
Брендот соопшти дека склучил ексклузивен глобален партнерски договор со Kanine Pets World Limited, во траење од 5 години, со цел дизајнирање, производство и дистрибуција на широк спектар на производи за кучиња, вклучувајќи облека, аксесоари, играчки и производи за домот.
Генералниот извршен директор на Hugo Boss, Даниел Гридер, изјави дека компанијата ќе се потпре на големото исксутво на својот партнер во растечкиот пазар на луксузни производи за кучиња, нудејќи високо-квалитетни производи за потрошувачите ширум светот.
Првата модна колекција за кучиња од Hugo Boss ќе биде лансирана во август 2022, токму во пресрет на сезоната есен/зима. Понатаму, Hugo Boss ќе лансира по две модни колекции за кучиња во годината.
Производите ќе бидат достапни за нарачка онлајн, како и во избрани физички продавници ширум светот.